Новинарите на „360 степени“, Славица Филиповска и Зоран Јованоски, се добитници на наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство за 2019 година, која ја доделува Здружението на новинарите на Македонија. Наградата е за прилогот со наслов „360 на терен со УЈП – итроштини и ургенции на секој чекор“, за кој нашиот тим, следејќи ги инспекторите на Управата за јавни приходи, беше во дневна и ноќна обиколка на продавници, локали и други бизниси во повеќе градови, а успеа да улови и обид за ургенција да не се пишува пријава, токму од колешка на инспекторите од УЈП. Управата потоа отвори внатрешна постапка за утврдување дисциплинска одговорност кај вработената што ургираше.
Наградената сторија беше емитувана во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат на 28 октомври 2019 година.
Членот на жирито за избор на наградите, Ана Петрушева, вели дека оваа година имале тежок избор поради бројните квалитетни пријави.
„Сториите на новинарите Зоран Јовановски и Славица Филиповска и дадоа на јавноста редок увид во работењето на инспекторите на УЈП со сите грди страни и разобличија обид за влијание што произведе повеќе ефекти во институциите. Ваквите стории ја сензибилизираат и едуцираат јавноста за корупцијата, но и влијаат на промена на однесувањето и менталитетот во однос на корупцијата“,
изјави Петрушева.
*Поврзана вест: 360° на терен со УЈП – итроштини и ургенции на секој чекор
„Жирито избираше помеѓу стотина текстови и видео-прилози пријавени од дваесетина новинари за наградата за истражувачко новинарство. И тоа не беше лесен избор. Имаше важни приказни, силни приказни што алармираат, документираат и откриваат системски грешки, злоупотреби на положба, корупција и други прашања од јавен интерес“,
вели Петрушева.
Наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело и беше доделена на долгогодишната новинарка на МРТ и известувач од Собранието, Мира Костиќ, која годинава стави крај на својата богата новинарска кариера.
Наградата за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење за 2019 година за новинари од внатрешноста на Македонија му е доделена на новинарот Ване Трајков од Струмица за неговите прилози за проблематичниот тендер на ЈПКД „Комуналец“ Струмица.
Поради ситуацијата со коронавирусот во државата и препораките на институциите за избегнување на групни собири, ЗНМ овој пат не организира настан за свечено доделување на наградите. Од Здружението им честитаат на добитниците на наградите и ги охрабруваат колегите да продолжат со добрата работа и оваа година во интерес на јавноста, со подготвување на квалитетни новинарски прилози.

На јавниот конкурс оваа година во предвидениот рок, вкупно беа поднесени 27 апликации за награди за сите три категории, а членови на Комисијата за избор на наградите беа Ана Петрушева, Бењамин Арифи и Кристина Мачкиќ.