Со сведочење на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање – УБК, Сашо Мијалков и советникот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски, на 27 февруари ќе продолжи рочиштето за предметот „Монструм“, кој се однесува за убиените момчиња и рибарот на Смилковско Езеро во 2012 година. Како сведоци треба да се појават и поранешниот вицепремиер Муса Џафери и ексминистерот за правда Блерим Беџети.
Денеска, пак, сведочеа лидерот на ДУИ, Али Ахмети и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој за време на убиството бил портпарол на партијата, но и хирург во Државната болница.
Тој рече дека за настанот бил информиран и оти за тоа разговарале партиските органи по што неколку дена по случувањата излегол на интервју и кажал за заклучоците на партиската средба.
На прашање на обвинителот дали имал средба со Хаки Азири, Османи рече дека по неговото интервју наредниот ден го изненадила изјава на родителите на Азири дека тој ја знаел информацијата каде е нивниот син. Овие изјави на телевизиите, Османи го погодиле и преку роднини на осомничениот успеал да обезбеди средба со неговото семејство по која тие ја повлекле изјавата и работите станале појасни дека тој само информирал за партиските состаноци во врска со случајот.
По Ахмети и Османи, денеска сведочеше и обвинителот Џелал Бајрами, кој во време на убиството беше заменик-министер за внатрешни работи од редовите на ДУИ. Во одговор на едно од прашањата поставени од обвинителката Фатиме Фетаи, рече дека не се согласувал со изјавата на тогашната министерката Гордана Јанкулоска, која тогаш изјавила дека ги имаат сторителите на убиството, што, според него, не било договорено тоа да се каже, туку дека само истрагата е во тек и има осомничени лица.
Праксата да им се овозможи на медиумите да обезбедат инсерти од денешното рочиште, овој пат беше прескокната. Претседателот на судечкиот совет Огнен Ставрев по реакција на новинарите пред сведочењето на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека веќе започнало рочиштето и не дозволи да се снима и да се фотографира.