Во декември Твитер веќе избриша некои лажни информации од профили, особено оние што сугерираат дека вакцините се користат за да му наштетат на населението или да го „контролираат“
Социјалната мрежа Твитер објави дека има намера да ја засили борбата против ширењето дезинформации за вакцините и воведе можност за бришење на профили по пет предупредувања.
„Сметаме дека овој систем за предупредување ќе помогне во едукацијата на јавноста за нашите регулативи и подобро ќе придонесе за намалување на ширењето на потенцијално опасни или лажни информации преку Твитер, особено за повторени, умерени или сериозни кривични дела“,
соопштија синоќа од компанијата.
Во декември Твитер веќе избриша некои лажни информации од профили, особено оние што сугерираат дека вакцините се користат за да му наштетат на населението или да го „контролираат“.
Мерките имаат за цел да спречат ширење на дезинформации и замајување на јавноста со „вести“ за наводни несакани ефекти или дури и да го доведат во прашање постоењето на ковид-19, како и потребата од вакцинација.
Досега повеќе од 8 400 твита се избришани од оваа социјална мрежа и испратени се предупредувања за околу 11,5 милиони профили во светот.
Според новите правила, со второто предупредување, профилот ќе биде блокиран 12 часа, со четвртото предупредување блокадата ќе трае седум дена и со петтото предупредување профилот ќе биде трајно избришан.
Новите правила се слични како и оние што се однесуваа на објавувањето дезинформации за изборите во Америка и процесите што следуваа потоа, кога Твитер го укина профилот на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, поради повеќекратно кршење на правилата, како што е поттикнување насилство и неговите пораки за резултатите од претседателските избори.
Од октомври, кога вакцините беа само во фаза на клинички испитувања, мрежите Јутјуб и Фејсбук објавија строго правило, чија цел беше да се забранат дезинформации за вакцините и напорите да ѝ наштетат на кампањите за вакцинација.