Војската во Мјанмар на 1 февруари изврши државен удар против владата на Аунг Сан Су Чи
Дополнителни обвиненија се покренати против сменетата премиерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, јавија локалните медиуми, а истовремено продолжуваат масовните протести за нејзино ослободување.
Су Чи е обвинета за наводни прекршувања на законот за управување со катастрофи во земјата во врска со мерките против коронавирус
Соборениот претседател, Вин Маинт, исто така, се соочува со обвиненија за кршење на законите за управување со катастрофи, а аналитичарите оценуваат дека војската, која го спроведе пучот, сака трајно да се ослободи од него и Су Чи, пренесува ДПА.
Следното рочиште на Су Чи е закажано за 1 март.
Војската ја презеде власта со државен удар на 1 февруари, соборувајќи ја цивилната лидерка Су Чи и обвинувајќи ја за кршење на законите за надворешна трговија.
Ова предизвика масовни протести низ целата земја, кои продолжуваат и покрај зголемената закана за насилство.
Демонстрантите се собраа пред американската амбасада во Јангон и во близина на Централната банка, повикувајќи на враќање на цивилната влада под раководство на Су Чи и нејзино ослободување. Учесниците на демонстрациите упатија нов повик до ООН и САД за поддршка, со многу натписи на кои пишуваше: „Ние, луѓето од Мјанмар, целосно ја поддржуваме секоја акција што ја преземаат ООН и САД“.
Минатата недела американскиот претседател, Џо Бајден, објави санкции против водечките генерали и придружните компании, а демонстрантите се надеваат дека и други земји ќе преземат слични активности.
Војската во Мјанмар на 1 февруари изврши државен удар против владата на Аунг Сан Су Чи, и ја уапси на денот кога пратениците требаше да се вратат во парламентот, првпат по изборите што се одржаа во ноември минатата година, кои војската ги смета за нерегуларни.
Војската прогласи вонредна состојба и соопшти дека апсењето на премиерката и на други високи официјални претставници претставува одговор на изборната измама.
Нови избори се најавени по завршувањето на вонредната состојба.
Во видеообраќање објавено на телевизијата која е под контрола на војската се порачува дека власта му е предадена на главниот командант на оружените сили, генерал Мин Анг Хлаингу.