По државниот удар во Мјанмар во кој војската ја презеде власта, Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за утре закажа вонредна седница.
Тој нема да биде отворен за јавноста, а ќе се одржи преку видеоконференциска врска.
Денеска, кога пратениците требаше да се вратат во парламентот првпат по изборите во ноември лани, војската изврши државен удар и ја уапси премиерката Анг Сан Су Чи, како и претседателот Вин Минта и други високи политички функционери.
Пучот следува по низата несогласувања и тензии меѓу владата и војската која ги оспорува изборните резултати со кои Национална лига за демократија на Анг Сан Су Чи во ноември освои 83 отсто од 476 места во парламентот. Војската тврди дека открила 10 милиони случаи на измами и побара од изборната комисија да ги објави изборните листи, а апсењето на политичките лидери го нарече „одговор на изборната измама“.
Лидерката Анг Сан Су Чи беше 22 години во притвор, а дојде на власт 2015. Додека беше во притвор ја доби и Нобелова награда за мир во 1991.
Оттука се огласи и норвешкиот Нобелов комитет кој побара итно ослободување на нобеловката.
„Норвешкиот Нобелов комитет е згрозен од воениот преврат во Мјанмар и апсењето на добитничката на Нобеловата награда за мир Анг Сан Су Чи, претседателот Вин Минт и други политички лидери“,
соопшти комитетот.
По пучот, воените генерали соопштија дека во Мјанмар ќе се одржат слободни и фер избори и оти војската ќе ја предаде власта на победничката партија.