Војската прогласи вонредна состојба и соопшти дека апсењето е одговор на изборната измама во ноември
Пред да дојде на власт во 2021 година, Аунг Су Чи помина 22 години во домашен притвор и беше симбол на борба за слобода и човекови права во Мјанмар
Војската во Мјанмар денеска изврши државен удар против владата на Анг Сан Су Чи, која е уапсена на денот кога пратениците требаше да се вратат во парламентот, првпат по изборите што се одржаа во ноември минатата година, кои војската ги смета за нерегуларни.
Војската прогласи вонредна состојба и соопшти дека апсењето на премиерката и на други високи официјални претставници претставува одговор на изборната измама.
Нови избори се најавени по завршувањето на вонредната состојба.
Во видеообраќање објавено на телевизијата која е под контрола на војската се порачува дека власта му е предадена на главниот командант на оружените сили, генерал Мин Анг Хлаингу.
Рано изутринава војската ја уапси Анг Сан Су Чи, како и претседателот Вин Минта, потврди портпарол на Националната лига за демократија, партијата која победи на изборите, но тензиите се зголемија минатата недела.
Владејачката Национална лига за демократија на Анг Сан Су Чи во ноември освои 83 отсто од 476 места во парламентот, но војската тврди дека открила 10 милиони случаи на измами и побара од изборната комисија да ги објави изборните листи.
Но, политичката криза не е единствениот проблем со кој се соочува Мјанмар. Во земјата се потврдени над 140 000 случаи на коронавирус, а доколку се организираат големи протести, стравувањата се дека заразата ќе се прошири уште повеќе и дополнително ќе го оптовари здравствениот систем.
Аунг Сан Су Чи, која дојде на власт во 2012 година по 22 години поминати во домашен притвор, стана популарна по нејзината борба за човекови права за што и ја доби Нобеловата награда, како и многубројни други престижни награди.
Но. нејзиното владеење е исполнето со голем број контроверзии, особено по егзодусот на Рохинџите, муслиманско малцинство во Мјанмар, кога во 2017 година повеќе од 720 000 Рохинџи избегаа од земјата поради нападите од воените и будистичките полиции. Обединетите нации таа криза ја окарактеризираа како геноцид.
Поради ова, една од најголемите организации за заштита на човекови права во Јужна Кореја „Кванџу“ соопшти дека ќе ѝ ја одземе наградата на лидерката на Мјанмар доделена во 2004 година поради нејзината рамнодушност кон кризата со муслиманското малцинство.
Освен тоа, имаше и случаи на новинари кои завршија во затвор поради критики на нејзина сметка преку Фејсбук.