Една од барикадите поставена во мултиетничката населба Бошњачка Маала е прва ваква блокада во Северна Митровица. Блокадите досега главно беа лоцирани на териториите на другите три општини со српско мнозинство на север – Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток
Нови барикади ноќеска се подигнати на северот на Косово, од кои едната е во мултиетничката Бошњачка Маала во Северна Митровица, а другата е во местото Дудин Крш на главниот пат што го поврзува југот на Митровица со општина Звечан, соопшти косовската полиција, пренесува регионалниот сервис на РСЕ.
„На север од земјата, во текот на ноќта, криминални лица или групи продолжија да поставуваат барикади, што дополнително ја попречува слободата на движење. Според официјалните информации, поставени се и две барикади со тешки возила“,
се вели во соопштението.
Барикадата во Бошњачка Маала е прва поставена во Северна Митровица.
Блокадите досега главно беа лоцирани на територијата на другите три општини со српско мнозинство на север – Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Бошњачка Маала се наоѓа помеѓу јужна Митровица, каде што Албанците се мнозинство, и северна Митровица, каде живее мнозинско српско население.
Локалните Срби на северот на Косово од 10 декември ги блокираат патиштата во овој регион поради апсењето на нивниот поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, кој е осомничен дека учествувал во нападот врз службеници на Централната изборна комисија.
Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека барикадите кои локалните Срби ги имаат поставено во северно Косово, на патиштата кои водат кон граничните премини со Србија, ќе бидат отстранети во наредните неколку денови.
Во интервју за босанскиот медиум Истрага.ба, кое го пренесуваат косовските медиуми, Курти порача дека, доколку барикадите не бидат отстранети од мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, како што самата претходно најави, тоа ќе го стори полицијата на Косово.
„Ако тоа не го стори КФОР, ќе го направиме ние. Не може тоа да трае со месеци. Ниту со недели… Само неколку денови“,
изјави Курти.
Според косовскиот премиер, барикадите се „само нова епизода“ во сценариото за дестабилизација на Косово, подготвено од властите во Белград.
Претседателот на Србија и врховен командант на српската војската, Александар Вучиќ, синоќа нареди воените сили и сите единици на МВР да бидат во највисок степен на борбена готовс, јавија српските медиуми.
Вучиќ наложи да се преземат сите мерки за заштита на српскиот народ на Косово. Тој во видеообјава на Инстаграм изјави дека српските власти даваат сè од себе за да ги зачуваат мирот и стабилноста.