Според косовскиот премиер, барикадите се „само нова епизода“ во сценариото за дестабилизација на Косово, подготвено од властите во Белград
Барикадите кои локалните Срби ги имаат поставено во северно Косово, на патиштата кои водат кон граничните премини со Србија, ќе бидат отстранети во наредните неколку денови, изјави косовскиот премиер Албин Курти.
Во интервју за босанскиот медиум Истрага.ба, кое го пренесуваат косовските медиуми, Курти порача дека, доколу барикадите не бидат отстранети од мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, како што самата претходно најави, тоа ќе го стори полицијата на Косово.
„Ако тоа не го стори КФОР, ќе го направиме ние. Не може тоа да трае со месеци. Ниту со недели… Само неколку денови“,
изјави Курти.
Според косовскиот премиер, барикадите се „само нова епизода“ во сценариото за дестабилизација на Косово, подготвено од властите во Белград.
„Ние ја имаме полицијата на север, која е сега поприсутна од кога и да е порано. Но ние имаме и 11 барикади. Овие барикаде се само нова епизода по онаа првата, во која Србите добија наредба од Белград да ги напуштат сите косовски институции“,
вели Курти.
Тој смета дека, со последните дејствија во северно Косово, властите во Србија „ги повторуваат грешките од 90-тите години“, кога се случија воените конфликти во Босна и Херцеговина и Хрватска.
„Тие немаат креативност. Тие не знаат друго освен да ги повторуваат грешките од 90-тите години, кога градеа барикади во Босна и Хрватска. Значи, на извесен начин, знаат само да се повторуваат. Јас мислам дека и овој обид ќе им пропадне“,
изјави Курти.
Тој вели дека на оние кои ја спроведуваат блокадата во северно Косово директивите им доаѓаат од Белград, додека српското население во таа област е заплашено од илегалните структури, кои станале криминални банди и кои се „поагресивни од кога и да е порано“.
Претседателот на Србија и врховен командант на српската војската, Александар Вучиќ, синоќа нареди воените сили и сите единици на МВР да бидат во највисок степен на борбена готовност, јавија српските медиуми.
Вучиќ наложи да се преземат сите мерки за заштита на српскиот народ на Косово. Тој во видео објава на Инстаграм профилот „будуќностсрбијеав“ изјави дека „даваме се од себе за да ги зачуваме мирот и стабилноста“.
„За жал, тие не сакаа да не слушаат или не беа многу заинтересирани да не слушнат. Денеска и на српскиот патријарх г. Порфириј му е забранет влезот на Косово и Метохија. Ова никогаш не се случило во историјата. И не им е грижа. Бесмислени соопштенија, неважно… Но и понатаму ќе продолжат да зборуваат само за српските барикади кои се само знак на незадоволство и борба на српскиот народ да биде свој на своето и ништо повеќе“,
наведе Вучиќ.
Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, вчера посочи дека Србија е секогаш подготвена да интервенира доколку дојде до вооружен напад врз Србите на северот на Косово и Метохија и нагласи дека Србија ќе направи се за да го зачува мирот.
„Ќе вложиме сè во мир, во продолжување на дијалогот, но доколку дојде до физички напад, убиства на Срби, погром, а КФОР не сака да интервенира и да го исполни својот мандат според Резолуцијата 1244, Србија ќе биде принудена да го стори тоа“,
рече Дачиќ и додаде дека суштината е да не дојде до тоа и дека Србија се надева дека нема да дојде до тоа.