На прашањето дали официјален Белград има некаква врска со организацијата на барикадите, Дачиќ рече дека Србите во Косово сами по себе се политички фактор и дека легитимно се борат за своите права
Србија е секогаш подготвена да интервенира доколку дојде до вооружен напад врз Србите на северот на Косово и Метохија, изјави министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ и нагласи дека Србија ќе направи се за да го зачува мирот, пренесува Пинк.рс.
„Тоа беше јасно сите овие недели“, рече Дачиќ, на прашањето дали неговата изјава „дека безбедносната состојба на Косово и Метохија е анализирана и дека според проценетата опасност и ситуацијата на теренот, сите единици на српската армија кои се во тој регион се ставени во состојба на готовност да реагираат во случај на напад врз Србите од северот на Косово“, значи дека Србија би била подготвена за воена интервенција.
„Ќе вложиме сè во мир, во продолжување на дијалогот, но доколку дојде до физички напад, убиства на Срби, погром, а КФОР не сака да интервенира и да го исполни својот мандат според Резолуцијата 1244, Србија ќе биде принудена да го стори тоа“,
рече Дачиќ и додаде дека суштината е да не дојде до тоа и дека Србија се надева дека нема да дојде до тоа.
Вчерашната рафална стрелба кај Зубин Поток, како што истакна, е еден сегмент од низата настани кои говорат за ескалација на ситуацијата на Косово и Метохија.
„Би било тешко да се набљудуваат сите овие настани изолирано, ако не го видиме целиот редослед на настаните и дека целата меѓународна заедница, наместо со планови, се занимава со гаснење на пожарите што се појавуваат секоја недела на Косово“,
додаде Дачиќ.
Од Дачиќ беше побарано да ги коментира и наводите на некои белградски медиуми кои објавија видео од, како што тврдат тие, наводното пукање и обидот за отстранување на барикадата во Зубин Поток, поради што се огласија косовската полиција и КФОР.
На прашањето дали знае кој пукал, Дачиќ рече: „Кој пукал, не требало да пука!“.
„Зошто Србите би пукале во КФОР во Зубин Поток?“,
праша тој и додаде дека оние што ја гарантираат безбедноста мора да дадат целосни информации што точно се случило таму.
На прашањето дали официјален Белград има некаква врска со организацијата на барикадите, Дачиќ рече дека Србите во Косово сами по себе се политички фактор и дека легитимно се борат за своите права.
„Ако мислите дека претставници на властите во Белград учествувале во организирањето на барикадите и се друго, слушајте, претпоставувам дека е доволно јасно дека Србите во Косово сами по себе се политички фактор. Тие се борат за своите права, легитимно“,
рече Дачиќ.
Тој додаде дека Белград прави се во желба и напор да ги реши сите проблеми со дијалог, деескалација, а не со нови тензии.
На прашањето дали прашањето за Косово е она што ѝ стои на патот на Србија кон Европа, Дачиќ одговори потврдно, но нагласи и дека е подобро да се формулира така што односот на Србија кон територијалниот интегритет ѝ стои на патот на Србија.
Дачиќ оцени и дека нема напредок во дијалогот, а тоа е поради Албин Курти.