Во предлог-програмата за работа на новата влада на Зоран Заев, за која денеска и утре се дебатира во Собранието, се ветува „распишување меѓународен конкурс за ревитализација на централното градско подрачје на главниот град по штетите предизвикани од ‘Скопје 2014’“.
„Како антипод, овој конкурс ќе биде дел од апликацијата на Град Скопје за најголемата културна програма при Европската Унија, Европска престолнина на културата“,
пишува во владината предлог-програма за периодот 2020 – 2024 година.
Исто така, се најавува ревизија и бришење од регистарот на „сите незаконски запишани споменици и објекти од т.н. проект ‘Скопје 2014’, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство“.
Ветено – неисполнето
Владата на СДСМ и ДУИ и во Програмата за претходниот мандат 2017-2020 година ветуваше преиспитување на проектот, но малку од тоа се реализираше.
Во Програмата за работа на таа влада пишува:
„Владата темелно ќе го преиспитува проектот ‘Скопје 2014’ и неговите политички, уставно-правни, меѓуетнички, културни, архитектонски, урбано-градителски, финансиски и естетски аспекти. За справување со последиците на ‘Скопје 2014’ Владата ќе ги повика да се вклучат сите надлежни институции од културата, науката и уметноста. Откако ќе завршат сите уставно-правни, судско-кривични и инспекциски работи со кои ќе се расчистат злоупотребите и криминалот сторен со и низ оваа гигантска дивоградба, ќе покренеме мерки за ревитализација на централното градско подрачје и Старата скопска чаршија. На тој начин ќе се спречат избрзани, произволни или популистички мотивирани решенија.“