Донесување стратегија за јавна дипломатија, формирање мрежа на наши успешни државјани во странство, таргетирана промоција на економските, културни и туристички потенцијали на земјава…, се дел од политиките што ги најавува мандатарот во својата програма во делот на меѓународната и регионалната соработка
Новата влада ќе покрене иницијатива да се формира регионален центар за дијалог – „Преспа форум“, како што е наведено во програмата за работа што мандатарот Зоран Заев ја достави во парламентот.
„Преспа како географски регион обединува три држави, три нации, различни етнички групи, јазици, традиции, култури. Нејзиното богатство од различности ги обединуваат исклучителните природни богатства и културно историското наследство. Затоа ќе ја покренеме иницијативата за регионален центар за дијалог – ‘Преспа форум’. Тоа ќе биде регионален форум за добрососедство и решавање на билатералните прашања, но и форум од каде што ќе произлезат нови инцијативи за регионална соработка. Во рамките на форумот ќе го поддржиме процесот на формирање на канцеларии за младинска соработка МК-ГР, како и сите активности и проекти на канцелариите кои ќе овозможат размена на искуства и поврзување на младите од двете земји“,
се наведува во делот на програмата посветен на регионалната соработка.
Примарен интерес на земјата во регионалната соработка, како што се наведува, е да се развиваат практични мерки кои го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните и ги отстрануваат бариерите за полесна трговија, повеќе инвестиции, поголема мобилност на човечкиот капитал и побрза дигитализација и модернизација на Западен Балкан.
За таа цел се најавува отворање на шест нови гранични премини со сите соседни земји, за да се овозможи полесна комуникација на пограничните места: Стрезимир-Рестелица (со Косово), Мајден- Промахи и Маркова Нога (со Грција), Клепало (со Бугарија), Лојане-Миратовац и Голеш-Босилиград (со Србија), и Џепиште-Требиште (со Албанија).
Водејќи препознатлива политика, активно ќе учествуваме во работата на Совет на Европа, ООН, ОБСЕ, СТО, УНЕСКО, како и во сите други меѓународни организации во кои членуваме. Ќе настојуваме да го промовираме успешниот модел на меѓуетничките односи во земјата и добрососедска политика. Во надворешната политика, Владата ќе усвои стратегија за јавна дипломатија која внимателно ќе ги одреди целите и насоките, како и задолженијата на сите засегнати и надлежни институции и ќе ги усогласи надворешно политичките цели и националната политика. Во изготвување на оваа стратегија, покрај претставници од владините институции, ќе бидат вклучени и невладините и меѓународните организации. Ќе формираме мрежа на наши успешни државјани во странство и ќе ги повикаме да помогнат во нашите напори за промоција на државата. Ќе направиме и таргетирана промоција на економските, културни и туристички потенцијали: „Земја на можности“ (со акцент на новите успеси во културата: Оскари, Евровизија“,
се нагласува во предлог-програмата на Заев.
Владата, како што се најавува, ќе продолжи да инвестира во квалитетна дипломатска мрежа, со оптимизација на дипломатските претставништва и зајакнати човечки и технички капацитети во нив. Во Секторот за јавна дипломатија ќе се врши конкретна и темелна подготовка на дипломатскиот кадар со елементи за нивното дипломатско дејствување во насока на јавната, културната и економската дипломатија.
„Ќе фаворизираме е-амбасади. Ќе ги дигитализираме услугите на нашите сограѓани кои патуваат надвор од земјата, или се на привремен и постојан престој надвор од Северна Македонија преку воведување апликација ‘Е-амбасада’, со цел нашите ДКП навремено да излезат во пресрет на потребите, барањата на нашите сограѓани“,
се наведува во програмата во делот посветен на надворешната политика.