Според најавите, на состанокот на кој ќе посредува високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, а чиј домаќин е македонскиот премиер Димитар Ковачевски, се очекува да се разговара за анексот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој се однесува на имплементација на договорот што начелно беше одобрен од двете страни
Охрид е местото каде што денеска ќе се одржи нова рунда преговори меѓу Белград и Приштина. Поради средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, во градот и околината веќе се презедоа соодветни безбедносни мерки, информира Министерството за внатрешни работи.
Средбата на Вучиќ и Курти во Охрид е продолжение на состанокот што двајцата го имаа на 27 февруари во Брисел во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина што се води под покровителство на Европската Унија. Најавите се дека ќе се разговара за анексот на предлогот на Европската Унија за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој се однесува на имплементација на договорот што начелно беше одобрен од двете страни на претходната средба.
Состанокот свикан од високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, ќе започне во 10 часот. Дијалогот ќе се одвива со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак. Според најавеното, прво ќе се одржат одделни билатерални средби со Вучиќ и Курти, една по друга, по што ќе следува заедничка трилатерална средба.
На крајот од средбата е предвидена изјава на Борел за медиумите.
Во пресрет на средбите, Борел вчера кажа дека очекува убавиот охридски пејзаж да создаде убава атмосфера за постигнување договор меѓу Вучиќ и Курти. Одам за Охрид, рече тој, со надеж дека ќе се соочам со уникатна можност за Косово и Србија да се придвижат напред.
Борел потсети дека пред три недели во Брисел, Вучиќ и Курти се договориле за предлогот на ЕУ, познат во јавноста како француско-германски, па затоа очекува да се постигне договор за конкретни практични чекори за имплементација на европскиот предлог за нормализација на односите.
Премиерот Димитар Ковачевски домаќин на дијалогот во Охрид
Премиерот Димитар Ковачевски во улога на домаќин, во Охрид ги пречека Борел и Лајчак. Од Владата на С Македонија соопштија дека државите од Западен Балкан припаѓаат во ЕУ и оти до решенија на сите отворени прашања може да се дојде само преку дијалог.
И специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик помошник-државен секретар на САД, Габриел Ескобар, е во Охрид. Ковачевски вчера објави фотографии од пречекот на Ескобар, кој дојде е во придружба на американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер. Од Владата соопштија дека таму се присутни и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Курти оптимист, за Вучиќ ова не е никаков судбоносен ден
Охрид и Преспа се места за договори и затоа има симболика во тоа што средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, посредувана од Европската Унија, ќе се одржи таму, кажа косовскиот премиер Албин Курти во интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Тоа, според Курти, било одлука на високиот претставник на ЕУ, Борел.
Изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека не планира ништо да потпише во Охрид не е конструктивен пристап, коментира Курти.
„Ја слушнав изјавата дека априори се одбива потпишување договор во Охрид, јас не мислам дека е конструктивен пристап. Истовремено не мислам дека ова докажува посветеност. Ние имаме потреба да изразиме надеж и оптимизам за целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Одржуваме средби на високо ниво, посредува ЕУ која е најважниот политички, економски проект и најважниот процес, како историски така и геополитички во Европа и, би рекол, на целиот свет, по завршување на Втората светска војна. Затоа, треба да се земе посериозно утрешната средба“,
рече Курти.
Но, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во пресрет на средбата рече дека Белград сè уште не добил нацрт за тоа што сака Европската Унија во преговорите за нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Тој нагласи дека средбата со Курти во Охрид нема да биде никаков судбоносен или кобен ден, но додаде дека ќе се обиде да го направи она што е најдобро за Србија.
Вчера во Белград се одржа и собир на десничарите пред доаѓањето на Вучиќ во Охрид, кои на претседателот му порачаа „Не капитулирај“.