Одлуката е последен чекор во долгата правна битка за запирање на екстрадицијата на Асанж во САД, со цел да се соочи со обвинувања за шпионажа поради објавување на доверливи документи од неговата организација Викиликс
Судот во Лондон донесе одлука да му дозволи на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, да поднесе жалба на одлуката за екстрадиција во САД.
Асанж е обвинет дека објавил делови од американските воени досиеја и дипломатски депеши за кои американските власти тврдат дека ги загрозуваат животите.
Одлуката е последен чекор во долгата правна битка за запирање на екстрадицијата на Асанж во САД, со цел да се соочи со обвинувања за шпионажа поради објавување на доверливи документи од неговата организација Викиликс.
Пред нешто повеќе од една година, британскиот суд за прекршоци пресуди дека екстрадицијата би била „ризична“, бидејќи постои страв поради неговото ментално здравје и ризик од самоубиство.
Високиот суд на Обединетото Кралство на почетокот на декември лани ја прифати жалбата на американската влада поднесена на одлуката со која се одбива екстрадицијата на Асанж и го врати предметот на понискиот суд на повторно одлучување.
Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор на почетокот на овој месец уште еднаш му понуди азил на основачот на Викиликс.
Асанж беше обвинет за сексуално вознемирување и силување во Шведска во 2010 година. Тој од јуни 2012 година се криеше во Амбасадата на Еквадор во Лондон. Тој беше приведен на барање на САД на 11 април 2019 година, а сослушувањето за екстрадиција почна на 2 мај 2019 година. Набргу потоа, американските власти објавија дека поднеле 17 нови обвиненија против Асанж за кршење на законите за шпионажа и откривање тајни информации. Доколку биде екстрадиран во САД, Асанж се соочува со затворска казна до 175 години.