Бујар Османи рече дека врз основа на прецизен календар, кој ќе биде јавно објавен, граѓаните ќе може ненајавени да влегуваат во канцелариите на избраните функционери на ДУИ за да си ги кажат проблемите
Отворањето на вратите на функционерските канцеларии за граѓаните е новиот завет на ДУИ и нов код на дејствување за сите избрани функционери од редовите на партијата, како што најави денеска на прес-конференција во партиското седиште министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Избраните пратеници, министри, директори, градоначалници, како што рече Османи, ќе можат и ненајавено, врз основа на прецизен календар што ќе го објават функционерите, да влегуваат во функционерските канцеларии и да побараат решение за своите проблеми.
„Тоа ќе биде задолжителен завет за сите избрани функционери, кои ќе мора да се обврзат на 24-часовен пристап за граѓаните до нивните агенди и политички одлуки. Граѓаните ќе може да влезат и ненајавени во функционерските канцеларии и да ги кажат своите мислења, од најопштите до најделикатните проблеми“,
рече Османи.
Тој нагласи дека ова е новиот завет на ДУИ, покрај претходниот за можноста за референдум за сите прашања што ги засегаат граѓаните, во рамки на зелената агенда што ја најави партијата.
„Зелената агенда на ДУИ значи начин на живот, поквалитетен живот, значи многу повеќе од еден изборен циклус и не се однесува само на здрава животна средина. Таа агенда предвидува јасни инструменти за остварување на зацртаните цели“,
рече Османи.