Пратеници од мнозинството веруваат дека пленарната сала попладнево нема да биде полупразна, со оглед на најавата на коалицијата Алијанса/Алтернатива, која има 12 пратеници, дека ќе го поддржи законското решение за пописот
Пратеници од мнозинството уверуваат дека попладнево (четврток) ќе има кворум во парламентот за да може да се донесе законот за попис, за што досега немаше 61 пратеник во салата, откако минатата седмица заврши тридневната расправа.
Претседателот на парламентот Талат Џафери за денеска го закажа продолжението на 29. седница на чиј дневен ред е и законот за попис – по скратена постапка и со европско знаменце.
Иако во понеделникот во Собранието не можеше да се обезбеди кворум за да почне новата 30. седница, поради отсуство на двајца парламентарци поради ковид-19, пратеници од мнозинството веруваат дека пленарната сала утре нема да биде полупразна. Во тој контекст се посочува на најавата на коалицијата Алијанса/Алтернатива (која има 12 пратеници) дека ќе го поддржи законското решение за пописот, кој треба да се спроведе во април, и покрај тоа што не се прифатени предлозите на опозициската коалиција од т.н. албански блок.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, не се откажува од намерата за поништување на законот за попис, откако тој ќе биде донесен. За таа цел партијата најави собирање на најмалку 10 илјади граѓански потписи за поднесување предлог-закон за поништување на законот за попис.
Политичката дебата за пописот дополнително ја „зачини“ пратеникот Арбер Адеми од ДУИ, кој во вторникот, во гостување на ТВ 21, изјави дека во никој случај нема да го признае пописот ако Албанците во С Македонија се под 20 проценти. По многу реакции што ги предизвика оваа изјава, Адеми вчера се дообјаснуваше, така што во изјава за „Плусинфо“ рече дека ДУИ е заинтересирана да се одржи кредибилен попис кој ќе ги одрази реалните бројки на сите етнички заедници во државата.
Премиерот Зоран Заев изјави дека очекува брзо донесување на законот за попис, затоа што, како што рече, и после тоа има голем број активности во делот на подготовките за спроведување на операцијата, како на пример, да се обезбедат соодветни простории и човечки ресурси за менаџирање на целата постапка.
„Законот за попис е во Собранието. Жалам што денешната седница се одложи поради тоа што не се воведува онлајн работа на парламентот, бидејќи има пратеници кои се позитивни на ковид-19 или се во самоизолација. Со ова само се докажува неодговорноста на опозицијата, и тоа не на целата партија, туку на раководството. Повикувам да се вразумиме сите, срамота е државата да нема попис – тоа е статистичка операција која нема ретроградни процеси. Нема да има никаква рефлексија во делот на стекнати права, во делот на Уставот и законите“,
објасни Заев.
