Регистриран е нов случај на заболен со ковид-19 од Кичево, но ова е прв случај дијагностициран внатре во градот. Тој е во стабилна здравствена состојба и се наоѓа на домашно лекување.
„Уште осум лица се сместени во самоизолација. Преземени сите потребни мерки за заштита од коронавирусот, но за жал потврден е првиот случај во општината“,
информира градоначалникот Фатмир Дехари на денешната седница на Советот на општината, пренесува МИА.
До денеска се тестирани вкупно 43 лица од Кичево, плус 63 вработени кои беа вклучени во скринингот во градинката.
Дехари најави дека овој нов регистриран случај уште повеќе ќе ја зголеми претпазливоста и покрај ублажување на мерките од страна на Владата.
Во статистиките на Министерството за здравство, изминатиов период од овој град беа регистрирани три лица со ковид-19, од кои едниот беше веднаш префрлен во графата на Скопје, бидејќи таму се водел со адреса на живеење според лична карта.
Останатите два случаи се водеа како заболени кои не биле присутни во градот. Едниот пациент беше вратен од работа во странство и борбата со ковид-19 ја надмина со лесни симптоми во еден од државните карантини, додека пак другиот случај институциите не го расчистија докрај, бидејќи семејството на младиот кичевчанец беше известено оти неговите тестови се негативни, а тој сепак во статистиките на МЗ се водеше како позитивен на вирусот.
За последниот нов случај, засега нема потврдени информации за тоа како тој се заразил со ковид-19.
