Шефот за операции на финската електрична мрежа, Арто Пахкин, за јавниот радиодифузен сервис изјавил дека во моментов не може да се исклучи дека станува збор за саботажа
Финскиот премиер Петeри Орпо денеска соопшти дека е оштетен подводниот енергетски кабел што ги поврзува неговата земја и Естонија, пренесува „Гардијан“, додавајќи дека станува збор за последен од серијата инциденти со енергетски кабли и гасоводи во Балтичкото Море.

Во врска со случајот, шефот за операции на финската електрична мрежа, Арто Пахкин за јавниот радиодифузен сервис изјавил дека во моментов не може да се исклучи дека станува збор за саботажа.
Според финскиот премиер, оштетувањето на кабелот не влијаело на снабдувањето со електрична енергија во земјата.
„Властите остануваат будни дури и за време на Божиќ и ја истражуваат ситуацијата“,
напиша тој на платформата Икс.
Според финскиот оператор за пренос на електрична енергија „Фингрид“ протокот на струја преку кабелот Истлинк 2 (EstLink 2) што испраќа електрична енергија во Естонија бил прекинат во 12:26 часот по локално време, односно 11:26 часот според средноевропско време.
Минатиот месец два телекомуникациски кабли во Балтикот што ги поврзуваат Шведска и Данска исто така беа оштетени.
Сомнежите, како што наведува „Гардијан“ паднаа на кинескиот брод „Ји Пенг 3“, кој според интернет-страниците за следење на бродскиот сообраќај пловел кај каблите во времето кога тие биле пресечени.
Шведска во понеделникот соопшти дека Кина го одбила барањето на обвинителите да спроведат истрага за бродот и дека тој ја напуштил областа.
Европските власти изразија сомнеж дека неколку од инцидентите што изминатиот период се случија во Балтичкото Море се резултат на саботажи поврзани со руската инвазија на Украина.
Официјален Кремљ веднаш ги отфрли ваквите наводи, оценувајќи ги како апсурдни и смешни.
Инаку, кабелот „Арелион“ кој води од шведскиот остров Готланд до Литванија беше оштетен на 17 ноември, а кабелот Ц-Лајон 1 (C-Lion 1) што ги поврзува Хелсинки и германското пристаниште Росток беше оштетен јужно од шведскиот остров Оланд следниот ден.
Тензиите околу Балтичкото Море се зголемија по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Во серија подводни експлозии во септември 2022 година беше оштетен гасоводот „Северен тек“ преку кој се испорачуваше руски гас во Европа. Причините за експлозиите сè уште не се утврдени.
Во октомври 2023 година беше затворен подводниот гасовод меѓу Финска и Естонија, откако беше оштетен од сидро на кинески товарен брод.