„Додека оштетениот лежел на земјата во бесознание, осомничениот продолжил да го удира со нозе по главата и телото. Дури и кога на местото пристигнале полициски службеници, тој одбивал да престане со ударите додека не го совладале“, се наведува во соопштението од Обвинителството кое отвори истрага против осомничениот
Оштетениот турски државјанин со тешки телесни повреди и во животно загрозувачка состојба бил хоспитализиран во Клиниката за неврохирургија
Триесет и петгодишен турски државјанин синоќа се обидел да убие друг државјанин на Турција на улица во Скопје, соопшти денеска Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Инцидентот се случил ноќеска по полноќ на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“, во близина на Клубот на пратеници во центарот на главниот град на земјава.
Според Обвинителството, осомничениот со умисла се обидел да го лиши од живот другиот државјанин на Турција поради што против 35-годишникот Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за спроведување на истражна постапка. Го товари за кривичното дело убиство во обид, согласно член 123 став 1 и член 19 од Кривичниот законик (КЗ).
На инцидентот, како што стои во краткиот опис на настанот, му претходела вербална расправија помеѓу двајцата турски државјани, која преминала во физичка пресметка. Двајцата си размениле удари, од кои оштетениот, повреден, паднал на земја.
Но, осомничениот не прекинал со насилството, туку зел метален капак од шахта со кој повеќепати го удрил другото лице во главата, а потоа продолжил да го удира со нозе по главата и телото.
„Додека оштетениот лежел наземи во бесознание, осомничениот продолжил да го удира со нозе по главата и телото. Дури и кога на местото пристигнале полициски службеници, тој одбивал да престане со ударите додека не го совладале“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Оштетениот турски државјанин со тешки телесни повреди и во животно загрозувачка состојба бил хоспитализиран во Клиниката за неврохирургија.
Поради околности кои укажуваат на опасност од бегство, на осомничениот, кој немал пријавено престојувалиште во земјава, како и можноста да влијае врз сведоци во постапката или да го повтори кривичното дело дело, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.
За два дена ова е втор инцидентот во земјава во кој учесници се турски државјани.
Во четвртокот вечерта 21-годишен турски државјанин со неколку истрели од пиштол застрела и уби свој сограѓанин во угостителски објект во Штип.
По пукањето тој со помош на уште четири лица се обиде да избега, но беше фатен и уапсен од полицијата.
Осомничениот за убиството и неговите помагачи во обидот за бегство синоќа беа изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд во Штип, кој на сите петмина им одреди мерка притвор од 30 дена.