Емануел Макрон, кој ќе одржи говор на плоштадот пред обновената катедрала, се надева дека церемонијата на отворање на катедралата за него ќе биде голем дипломатски состанок со пристигнувањето на околу 40 шефа на држави и влади

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, пред официјалната инаугурација денеска ќе присуствува во Париз каде што западните лидери се собираат по повод церемонијата за отворање на реновираната катедрала Нотр Дам.
Нотр Дам се враќа во својот сјај по пожарот што ја зафати на 15 април 2019 година.
Ова воедно е и прво патување на Трамп во странство по победата на претседателските избори во САД пред еден месец.
Тој ќе оствари средба со францускиот претседател Емануел Макрон, кој ќе биде главно лице на церемонијата.
Иако нема официјална агенда за разговори, ова ќе биде можност за Трамп да разговара со европските лидери во однос на руската агресија врз Украина.

Макрон ќе одржи говор на плоштадот пред обновената катедрала. Тој се надева дека церемонијата на отворање на катедралата за него ќе биде голем дипломатски состанок со пристигнувањето на околу 40 шефа на држави и влади.
По пожарот во 2019 година, реконструкцијата започна во есента во 2021 година каде што беа поставени внатрешни и надворешни скелиња, како и многубројни работилници на столари, стаклари и каменоресци.
За Французите, катедралата Нотр Дам не е само светски позната средновековна готска катедрала, туку срцето на Париз и градба овековечена од писателите и дел од историјата на нацијата.
Изградбата на катедралата била почната во 1163 година од страна на епископот Морис де Сали, а била завршена речиси два века подоцна во 1345 година.
Богородичната црква, или Нотр Дам, е тесно поврзана со историјата на Французите. Нејзините моќни ѕвона биеле на 24 август 1944 година за да го одбележат ослободувањето на земјата од нацистите, а 26 години подоцна тие заѕвонија на погребот на водачот на отпорот, генералот Шарл де Гол.