Триесетдневен притвор доби скопјанецот Б.Ф. (36) кој поради недоразбирање во сообраќај кај Бит Пазар го нападнал лицето З.Т. (42) од Скопје и му го оштетил возилото, информира полицијата.
„Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал, денеска поднесе кривична пријава по брза постапка до ОЈО Скопје против Б.Ф. од Скопје за две кривични дела и тоа „насилство” по чл. 386 и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали“ по чл. 396 од Кривичниот законик“,
информираат од МВР.
Според полицијата, настанот се случил вчера околу 17.30 часот кога Б.Ф. физички го нападнал З.Т. и му го оштетил автомобилот во кој биле неговата сопруга и двете малолетни деца.
„Од полициски службеници од специјалната антитерористичка единица „Тигар“ околу 17.30 часот Б.Ф. бил лишен од слобода, а кај него бил пронајден и пиштол. Од судија на претходна постапка на лицето му е одредена мерка притвор во времетраење од 30 дена,“
соопштија од МВР.