Октомврискиот суфицит на земјата изнесува 9,73 милијарди долари, што е зголемување за 60,7 отсто во однос на септември, кога беше забележан претходниот едномесечен рекорд
Надворешниот трговски суфицит на Норвешка достигна рекордно високо ниво во октомври поради зголемените приходи од морските нафтени и гасни полиња.
Приходите пораснаа предизвикани од скокот на цената на природниот гас на меѓународните пазари, покажуваат вчерашните податоци на норвешката Национална агенција за статистика (SSB).
Октомврискиот суфицит изнесува 84,5 милијарди норвешки круни (9,73 милијарди долари), што е зголемување за 60,7 отсто во однос на септември, кога беше забележан претходниот едномесечен рекорд, пренесува Ројтерс.
Со дневно производство од околу четири милиони барели нафта, речиси подеднакво поделено на нафта и природен гас, Норвешка најмногу профитира од неодамнешниот пораст на глобалните цени на енергијата.
Од вкупниот извоз на земјата минатиот месец, 67 отсто од приходите се од нафта, покажуваат податоците.
Најголемата норвешка државна компанија за нафта и гас „Еквинор“ забележа највисок квартален скок во последните девет години во периодот јули-септември, со оперативен приход од 9,8 милијарди долари.
Иако суровата нафта традиционално е најголемиот извор на приходи од извоз на Норвешка, наглиот пораст на цените на горивата во последните месеци ја промени ситуацијата во корист на гасот.
Вредноста на извозот на гас во октомври изнесува 72 милијарди круни (8,27 милијарди долари), што е петкратно зголемување во споредба со пред една година. Истовремено, извозот на нафта во октомври изнесувал 32,7 милијарди круни (3,75 милијарди долари), што е зголемување за 71,8 отсто во однос на истиот месец лани.
Испораките на норвешки гас сочинуваа 22 отсто од вкупната потрошувачка на овој извор на енергија во Европската Унија минатата година. Норвешкиот гас е рангиран на второто место зад уделот на рускиот кој во ЕУ учествува со 34 отсто, според податоци на норвешката влада.