На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Народна Република Македонија, е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо врз принципот еден глас – една буква
Денеска земјава го одбележува 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Народна Република Македонија, е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо врз принципот еден глас – една буква.
Порака за чување, негување и унапредување на македонскиот јазик денеска испрати претседателот Стево Пендаровски.
Во пораката, Пендаровски вели дека сѐ додека го зборуваме, сè додека создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни.
„Пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука со што континуираниот развој на македонскиот јазик низ вековите конечно добива своја рамка и се формализира. Од првите црковнословенски ракописи од 10 век, преку јасно пројавената свест за неговата посебност во деветнаесеттиот век, што кулминира со делото на Мисирков, па понатаму преку Рацин до Конески, Кепески, Лапе, сè до ден-денешен, македонскиот јазик се развива и се збогатува зацврстувајќи ја својата позиција во светското семејство на јазиците“,
се вели во пораката од Пендаровски.
Македонскиот јазик како официјален јазик во нашата татковина, додава тој, го зборуваат нашите граѓани, многубројните Македонци во дијаспората, но и многу вљубеници и почитувачи слависти-македонисти низ целиот свет.
„Сè додека го зборуваме, сè додека создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни. Сè додека се живи говорителите ќе биде жив и јазикот, и сè додека е жив македонскиот јазик ќе постои и нашиот македонски идентитет. Затоа да го чуваме и да го негуваме, и секогаш да ги ползуваме најблагите и најубавите зборови изразувајќи си почит, внимание и љубов“,
се додава во пораката од Пендаровски.
Во соопштение испратено од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, се вели дека со чување на македонскиот јазик, како наша посебност, како наша татковина, се зајакнува државноста и темелот на македонскиот идентитет.
„Со многу посветеност, труд и ентузијазам СДСМ ги исполни заложбите за заштита и унапредување на македонскиот јазик. Сонот и аманетот на Блаже Конески се исполнети, владата предводена од СДСМ успеа да се избори за македонски јазик признат и потврден од сите. Македонскиот јазик е на исто рамниште со сите јазици во Унијата. Македонскиот јазик во ЕУ, признат и потврден, еднаш, засекогаш“,
се додава во соопштението од СДСМ.
Оттаму додаваат дека со Законот за употребата на македонскиот јазик е направен вистински потфат во унапредувањето на јазикот.
„Од овој Закон произлегуваат многу важни иницијативи, меѓу кои и стипендирање ученици од четврта година средно образование и на додипломски, магистерски и докторски студии, со што се прави голем исчекор кон мотивирање на младите за проучување на македонскиот јазик“,
додаваат од СДСМ.
Лидерот на СДСМ вели дека со одбележувањето на Денот на македонскиот јазик, оддаваме должна почит кон сите создатели на македонскиот литературен јазик и ја продолжуваме мисијата за негова афирмација и заштита.
„Македонскиот јазик денес е дел од нашата лична карта во Обединетите нации. Со потпишувањето на договорот со Фронтекс на чист македонски јазик, го издигнавме нашиот јазик на исто рамниште со останатите официјални јазици во Европската Унија, на кабините за превод во ЕУ стои нашиот македонски јазик“,
вели Ковачевски.
Македонскиот јазик, додава тој, е темел на нашиот идентитет, грижата за негово зачувување и унапредување останува наш приоритет, затоа што влог во јазикот е влог во иднината.