Загрижувачки е фактот што речиси половина од младите односно 43 отсто веруваат дека пандемијата предизвикана од ковид е создадена од мала група на моќни луѓе со цел да владеат со светот, вели извршниот директор на МОФ, Димитар Низамовски
Еден од тројца млади или 33 отсто, се подготвени да се вакцинираат против ковид-19, а дури 46 отсто не би се вакцинирале, додека пак, 20 отсто сè уште не одлучиле дали ќе се вакцинираат. Ова го покажува студијата за социо-политичкото учество на младите во Северна Македонија, изработена од Фондацијата „Вестминстер“, во соработка со Младинскиот образовен форум (МОФ)
Извршниот директор на МОФ, Димитар Низамовски, во вечерашната дебата на „360 степени“ рече дека загрижувачки е фактот што речиси половина од младите односно 43 отсто веруваат дека пандемијата предизвикана од ковид е создадена од мала група на моќни луѓе со цел да владеат со светот. Во овој контекст, Низамовски вел идека неизбежно е да се работи на медиумската писменост, бидејќи резултаттие од студијата им покажала дека младите се поподложни на дезинформации.
„Забележавме дека безмалку секој втор млад човек е подложен на теории на заговор каде се смета дека вирусот е вештачки создаден од лабораторија од мала група на моќници со цел да се контролира светот. Тука, меѓудругото, може да ја видиме улогата и нивото на медиумската писменост кај младите. Односно дали и колку се запознаени тие за да може да препознаат лага од вест, односно факти наспроти дезинформации“,
вели Низамовски.
Тој додаде дека има иницијатива на која ќе се работи заедно со Министерството за образование и наука, а се однесува на медиумската писменост.
Низамовски го спомена и податокот за тоа колку од младите се подготвени да се вакцинираат против ковид-19, односно се работи за 33 отсто од испитаниците, додека пак 46 отсто не би се вакцинирале.
„Методолошки ова беше направено во период кога кај нас сè уште немаше вакцини против ковид и сите ние како граѓани бевме во неизвесност како и кога ќе се набават вакцините, што можеби е некој дополнителен фактор кој влијаел на овој процент. Меѓутоа, и тој податок загрижува, колку младите ѝ веруваат на науката и колку се подготвени да ја стават индивидуалната одговорност наспроти колективната, што дополнително загрижува ако го гледаме општеството во целина“,
вели Низамовски.