Ниту јас ниту кој било министер кажал дека на некој вработен ќе му биде раскинат договор и дека ќе остане без работа, а тоа го потврди и министерката за труд и социјална политика, вели премиерот
Премиерот Димитар Ковачевски тврди дека ниту еден вработен нема да биде избркан од работа.
Мерката што ја предлага Владата е за намалување на трошоците и за фискална консолидација во државата и исто така зголемување на приходите бидејќи фискална консолидација значи од една страна намалување на трошоци, а од друга страна зголемување на приходи.
„Ниту јас ниту кој било министер кажал дека на некој вработен ќе му биде раскинат договор и дека ќе остане без работа, а тоа го потврди и министерката за труд и социјална политика“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на денешното отворање на втората фабрика на американската компанија „Кемет електроникс“ во ТИРЗ Скопје 1.
Според Ковачевски, намерата е менаџерите, директорите на јавните претпријатија, на трговските друштва во државна сопственост, како и на другите институции, да применуваат најдобри менаџмент практики со цел да ги намалат трошоците.
„Кога се вели намалување на трошоците ќе ви дадам еден пример. Во градот Скопје каде што јас како претставник на Владата немам никакво управување, меѓутоа и како СДСМ сме во опозиција, самите меѓу себе, градоначалничката од ВМРО-ДПМНЕ и директорите поставени исто така од таа партија, самите кажаа дека вработиле 100 луѓе кои не се потребни. 100 вработени со трошок просечен од 1 000 евра значи месечен трошок од 100 000 евра. Значи годишно тоа се 1,2 милиони евра. Самите кажаа дека тоа им било вишок“,
рече Ковачевски.
Тој додаде и дека сите институции треба да видат кој е тој оптимален обем на вработени што го имаат, кој е тој оптимален обем на работа што го имаат во текот на денот.
„Ако ротираат вработените, и тоа веќе го прават приватните фирми, како и низ целиот свет, ако дел од работниците користат одмор во време кога е најскапа електричната енергија, ако ги ротираат вработените за да има работа од дома, тогаш ќе се намалат трошоците не само за вработените, туку и трошоците поврзани со работењето, како што е греење, осветлување“,
додаде Ковачевски.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во саботата, кажа дека нема да има отпуштања и намалување на платите во јавниот сектор, но и дека жали што Сојузот на синдикати на Македонија излезе со шпекулации со што се создаде паника кај граѓаните. Таа вели дека тврдењата на синдикалците се невистинити и дека во политиката за намалување на расходите нема ниту една таква мерка, туку тоа се препораки како да се заштеди во јавниот сектор со цел парите кои ќе бидат заштедени да одат во реалниот сектор.