Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека електронскиот систем етапно го враќаат во функција, по хакерскиот напад што им нападот се случил на 12 септември од, како што соопштија оттаму, меѓународна хакерска група „Black Byte“.
Нападот е пријавен во Министерството за внатрешни работи, по што превентивно, времено биле исклучени сите системи на министерството, објаснуваат од МЗШВ.
„Нападот предизвика блокирање на редовниот работен процес во министерството и оневозможување на тековните работни процеси. Извршено е оштетување, односно декриптирање на податоци од офис документи (word, excel, pdf), додека пак апликациите на министерството како на пример ЕРЗС системот, ФАДАН, системот за идентификација на земјоделски парцели и други апликации не се оштетени од овој напад, но превентивно веднаш по нападот беа исклучени и сега повторно се активни. Исто така архивата на министерството е оспособена и истата работи, ниту еден документ не е исчезнат или оштетен“,
се вели во соопштението.
Оттаму додаваат дека вработените во секторот за информатички технологии на МЗШВ активно работат за целосно отстранување на проблемот. Поради превенција, во моментот системот е делумно подигнат, односно како се отстрануваат проблемите етапно, системот се чисти и се враќа во фунцкија.
„Упатуваме извинување до граѓаните поради неможноста навремено и брзо да ги вршиме услугите, дополнително МЗШВ ќе ја информира јавноста за отстранувањето на проблемот и повторното подигнување на системот“,
велат од ресорното министерство.
Вчера, претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, на прес-конференција кажа дека од архивата која што се води во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се исчезнати голем дел од документите, а дека хакерскиот напад е само оправдување за тоа. Според ВМРО-ДПМНЕ, документите кои недостасуваат во електронска форма се податоци од фарм-регистарот и сите активни регистри кој што ги води МЗШВ за откупувачи за вино, за земјоделските задруги, за органско производство, преглед на сите важечки договори за закуп на земјоделско земјиште, а нема ниту листа на должници.
Од МЗШВ велат дека уште дента на нападот веднаш ги известиле граѓаните, како и дека транспарентно изминативе денови давале одговори на сите новинарски прашања поврзани со хакерскиот напад.