Инаку, „360 степени“ објави серија стории за овој производ, кој во земјава се увезува без посебна регулатива и е лесно достапен за младите, иако носи ризик за нивното здравје. Некои видови „снус“, во една кесичка, содржат и до 13 пати повеќе никотин отколку една цигара
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски денеска со претставници на Министерството за здравство, за екомонија и за финансии, како и со Царинската управа, Државниот инспекторат за земјоделство и Пазарниот инспекторат разговарале за Информацијата за законскиот основ за никотонските кесички или популарно наречени „снус“ со предлог-заклучоци, која веќе е доставена на разгледување и до Владата.
Ваквата заложба на институциите, Николовски ја вети пред неколку дена, кога рече дека Министерството за земјоделство изработило детална информација со која, ако помине на владина седница, Владата ќе го задолжи Министерството за здравство да направи анализи за безбедноста и сигурноста на овој никотински производ.
Денеска на својот фејсбук-профил информира дека дискусиите за овој производ биле во насока на утврдување на законските основи и соодветни надлежни институции со цел следење на препораките од Светската здравствена организација.
„Како министерство земавме обврска да ја информираме Владата за здравствено-токсиколошката анализа и компаративната анализа, по што Владата ќе заземе став за евентуалното пуштање во промет на производот никотински кесички, односно пристапување кон формирање на работна група заради подготовка на законски измени во таа насока“,
напиша Николовски.
Според него, претставниците на различните институции заеднички се согласиле дека ќе се направат потребните анализи и заклучоци, и, како што вели, ќе се пристапи по измена на законот доколку се утврдат недоследности при заштита на јавното здравје.
Инаку, „360 степени“ објави серија стории за овој производ, кој во земјава се увезува без посебна регулатива и е лесно достапен за младите, иако носи ризик за нивното здравје. Некои видови „снус“, во една кесичка, содржат и до 13 пати повеќе никотин отколку една цигара.
Пред неколку дена Николовски потсети и дека никотинските кесички не се опфатени со Законот за тутун бидејќи не содржат тутун, туку никотин и помошни состојки.
Законот е целосно усогласен со директивата на Европската Унија, која, сепак, не го регулира овој производ, туку европските земји поединечно одлучуваат каква ќе биде политиката кон него.
Иако Државниот инспекторат за земјоделство уште од април 2023 година тврдеше дека не се издаваат дозволи за увоз на никотински кесички, „360 степени“ го најде тој производ во продажба со датум на производство далеку по датумот на наводната забрана. Од Царината тогаш признаа дека никотинските кесички во земјава се увезуваат без пречки и ограничувања и без потреба од каква било дозвола затоа што не се законски регулирани.
Причината поради која редакцијата на „360 степени“ почна да истражува на темата „снус“ беше алармот од родители со поплаки дека децата без проблеми доаѓаат до производот кој содржи високи количини никотин. За да се увериме во таквите тврдења, излеговме на терен со деветтоодделенец на 14 години, со дозвола на неговите родители. Во сите трафики во кои побара, му продадоа „снус“ и покрај тоа што на кутијата пишува дека е за лица над 18 години.
Направивме и анонимна анкета меѓу средношколци која потврди масовна (зло)употреба на овој производ.
Никотинските кесички го вкучија алармот и во училиштата. Во скопската гимназија „Орце Николов“ на почетокот на второто полугодие на учениците и родителите им беше поделен материјал со информации за штетните последици по здравјето на младите што може да ги предизвика злоупотребата на „снус“.
Универзитетскиот професор и клинички токсиколог Андон Чибишев објасни дека тоа е производ кој во некои земји се користи за одвикнување од цигари, но секако е штетен за непушачи.
Кесичката „снус“ се става меѓу усната и непцето, со што се стимулира ослободување никотин кој посредно навлегува во крвотокот.
За потсетување, во некои европски земји никотинските кесички се забранети, во некои се дозволени, додека во трети се води дебата дали да се дозволи продажба која, секако, би била законски регулирана.