Од оваа временска дистанца можеби е направена грешка од наша страна што е избран Дубаи, но не како одмор, туку и поради работни состаноци на сопругата, рече Николовски
Вицепремиерот Љупчо Николовски денеска потврди дека бил на одмор во Дубаи. На новинарско прашање рече дека има законско право на одмор и дека патувањето во Дубаи било поради работни состаноци на неговата сопруга.
„Љупчо Николовски, како кој било друг граѓанин, има право на одмор, законски, и тоа што законски ми следува нема да дозволам никој да ми го попречи. Три дена одмор, на 16 часа работа за граѓаните и државата, имам право да ги посветам на сопругата, можеби контекстот и од оваа временска дистанца е направена грешка од наша страна што е избран во Дубаи, не како одмор, туку и работни состаноци на сопругата, која работи за странска компанија. Но, Николовски ниту се вакцинирал, ниту правел бизниси, ниту ќе прави, туку ќе се бори против корупцијата и криминалот“,
рече тој.
Коментирајќи ги критиките дека во време на пандемија вицепремиерот патува во Дубаи, Николовски рече дека трошоците не биле покриени со буџетски пари и се извини за тоа што, како што рече, можеби испратил лоша порака.
„Ниту сум се вакцинирал, ниту сум бил со службен телефон, или дипломатски пасош, или службено возило. Ниту денар од државата немам искористено во време кога сум на позиција, а за платата што ја добивам имам право на три дена да ги искористам за одмор. Им се извинувам на граѓаните, поради тоа што многу порано беше договорено ова отсуство, од лични и приватни причини и очигледно, можеби, се прати и една таква лоша порака, меѓутоа, се извинувам во тој дел. Но, борбата против корупцијата и криминалот ќе продолжи уште посилно и уште понеселективно“,
рече Николовски.
Николовски обвини дека ВМРО-ДПМНЕ излегува со неосновани обвинувања против него бидејќи, како што рече, на опозицијата ѝ сметале успесите на оваа влада.
„И со економските мерки, и со планот за борба против корупција, и со тоа што покажавме дека нема недопирливи, сите се соочени со правдата и одговорност, ќе ги подобриме уште повеќе условите и луѓето уште повеќе ќе веруваат во државата и ќе се вратат назад. Од тоа нема назад, а најмногу ѝ смета на опозицијата која блокира сѐ што е во интерес на граѓаните, а ја блокира неодговорноста којашто ја сакаат за сопствените луѓе и криминалците во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Во такви услови, денеска сме соочени за Николовски да роварат и да бараат нешто незаконско, и кога не може да помине ниту една од нивните етикети, коишто ги поставуваат со прашање, ги повикувам да ги изнесат како тврдење за да добијат кривични постапки, заради тоа што сме решени оваа висока борба против корупција и криминалот да продолжи до крај“,
рече Николовски.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Николовски, како и поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, се почестиле со одмор во Дубаи и во Мексико, додека, како што велат од партијата, „народ гладува, повеќе од половина милион граѓани живеат со под две евра на ден, 55 000 ги загубија своите работни места, а 6 200 фирми се затворија“.
„Само одморот на Рашковски чини колку 200 ваучери за туризам или 200 одмори на просечниот Македонец. Двајцата врвни луѓе на Заев за одмор трошат буквално колку еден стан. За две недели тие ќе потрошат пари колку што се потребни за обезбедување дом за некое семејство кое нема покрив над глава“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.