На прашањето колкаво влијание на зголемувањето на цените имаат земјоделците и колку тие добиваат од тоа зголемување, Николовски рече дека според последните податоци нема зголемување кај земјоделците, туку станува збор за нешто што трговците го наметнуваат на грбот на граѓаните
Според последните податоци нема зголемување на цените кај земјоделците, туку станува збор за нешто што трговците го наметнуваат на грбот на граѓаните. Откупната цена на млекото просечно се движи околу 30-32 денари, воопшто не е оправдано разликата во цената да биде на грбот на граѓаните, а да профитираат трговците, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски во вечерашното гостување на ТВ Сител.
„Токму затоа, навистина како држава мора експресно и во тој дел сите институции да реагираат. Ние како Министерство сме задолжени да даваме поддршка на производителите и на земјоделците, на фармерите при самото производство, да го задржиме и да го зголемуваме самото производство на храна“,
рече Николовски.
На прашањето колкаво влијание на зголемувањето на цените имаат земјоделците и колку тие добиваат од тоа зголемување, Николовски рече дека според последните податоци нема зголемување кај земјоделците, туку станува збор за нешто што трговците го наметнуваат на грбот на граѓаните.
„Токму затоа се овие остри реакции и Владата во вторник ќе донесе пакет на мерки со коишто ќе се ограничат цените на основните прехранбени производи заради тоа што драстична е разликата помеѓу растот на светските берзи на храната и растот којшто го имаме ние на рафтовите во маркетите, односно цената којашто ја плаќаат граѓаните“,
нагласи Николовски.
Од анализите што се направени од експерти во Министерството за економија, но и од надворешни експерти, се забележува дека има зголемување на цените на производите и на профитите во малопродажбата. Овие анализи премиерот Димитар Ковачевски вчера ги разгледувал и за нив разговарал со министрите за економија и за финансии, кои ги забележале податоците и затоа најави дека ќе бидат преземени ригорозни мерки, а не ја исклучи и можноста да има нови замрзнувања на цените на производите.
„Она што го увидовме од статистичките анализи изработени од експерти во Министерството за економија, но и од надворешни експерти, се забележува зголемување на цените и профитите во малопродажбата. Соодветно на тие анализи, ќе бидат предложени ригорозни мерки од Владата и нема да има пардон. Знам дека ќе има негодувања од засегнатите, но нема да дозволиме во време на криза некој да ги зголемува своите профити во апсолутен износ на сметка на граѓаните, кои треба да врзат крај со крај“,
рече денеска Ковачевски и најави нови антикризни мерки.