Анализите покажуваат дека има зголемување на цените и профитите во малопродажбата. Соодветно на тие анализи ќе бидат предложени ригорозни мерки од Владата и нема да има пардон, вели премиерот Ковачевски
Вицепремиерот Битиќи вели дека нереално е кај нас цените да се за една четвртина поскапи од оние во Европа и додаде дека храната на берзанските цени во ЕУ е зголемена за 11 отсто, овде е зголемена за 46 отсто
Пензионерите, примателите на загарантирана социјална помош, младите, односно студентите и средношколците ќе бидат на листата кои ќе добијат помош со новите антикризни мерки што ги најавува Владата
Од анализите што се направени од експерти во Министерството за економија, но и од надворешни експерти се забележува дека има зголемување на цените на производите и на профитите во малопродажбата. Овие анализи премиерот Димитар Ковачевски вчера ги разгледувал и за нив разговарал со министрите за економија и за финансии, кои ги забележале податоците и затоа најавува дека ќе бидат преземени ригорозни мерки, а не ја исклучува можноста да има и нови замрзнувања на цените на производите.
„Она што го увидовме од статистичките анализи изработени од експерти во Министерството за економија, но и од надворешни експерти се забележува зголемување на цените и профитите во малопродажбата. Соодветно на тие анализи ќе бидат предложени ригорозни мерки од Владата и нема да има пардон. Знам дека ќе има негодувања од засегнатите, но нема да дозволиме во време на криза некој да ги зголемува своите профити во апсолутен износ на сметка на граѓаните, кои треба да врзат крај со крај“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по направениот увид на градежните работи за изградба на затворен пливачки базен во Општина Карпош.
Околу зголемувањето на цените и денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е категоричен дека има нефер или неетички практики, каде што трговците вештачки ги фиксираат цените на високо ниво за да профитираат и посочи дека се прават обиди да се докаже дека има договарање за цените во неколку сектори.
„Вчера отидов во Комисијата за заштита на конкурентноста и разговарав со нив за да покренат иницијативи во неколку сектори за да видат дали евентуално може да докажеме дека има договарање за тоа што се случува со цените“,
рече Битиќи во одговор на новинарско прашање на паузата на Регионалниот форум за социјално претприемништво во организација на Регионалната канцеларија за младинска соработка – РИКО.
Според него, додека цените на храната во светот паѓаат, кај нас поскапувањето продолжува. Тој вели дека нереално е кај нас цените да се за една четвртина поскапи од оние во Европа.
„Нешто се случува. Не може нашата земја да е уникатна и изолиран остров кога е составен дел од цела Европа. Според податоците на ФАО берзанските цени во Европската Унија се за една четвртина помали отколку што се тука. Ако храната на берзанските цени во ЕУ е зголемена за 11 отсто, овде е зголемена за 46 отсто. Тоа не е етички“,
потенцира Битиќи.
Кај нас, како што кажа Битиќи, најголеми проблеми со цените има во сегментот на големата потрошувачка што е директно поврзано со основните прехранбени производи. Затоа рече дека мора да се зајакнат инспекциските служби со професионалци што ќе бидат цело време на терен и ќе го следат однесувањето во компаниите, банките и во сите сегменти на општеството.
На прашањето кој е просторот на Владата ако не се оди со замрзнување на цените или ограничување на маржите и дали ќе се користи српскиот пример со 20 избрани производи што ќе добијат „подобра цена“ или, пак, повторно ќе се даваат ваучери за поевтино пазарување на одредени социјални категории граѓани, Битиќи рече дека сè ова веќе било пробано и користено во досегашните владини мерки и затоа сега се прави добра анализа.
Нови антикризни мерки за пензионерите, примателите на загарантирана социјална помош, студентите и средношколците
За зголемувањето на цените и реагирањето на граѓаните дека не можат да врзат крај со крај во текот на месецот, денеска и премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе бидат донесени нови антикризни мерки, а кои ќе се однесуваат на најранливите категории на граѓани.
Пензионерите, примателите на загарантирана социјална помош, младите, односно студентите и средношколците ќе бидат на листата кои ќе добијат помош со тие антикризни мерки.
Ковачевски рече дека со прераспределбата на Буџетот, кој е доставен до Собранието, веќе се издвоени финансиски средства за најранливите категории граѓани.
„Сметам дека финансискиот антикризен пакет треба да биде обемен за да опфати повеќе граѓани, кои имаат потреба од дополнителни финансиски средства во текот на зимските месеци со оглед на тоа дека се работи за категорија граѓани кои не можат да остваруваат дополнителни приходи“,
изјави Ковачевски.