За државата и за здравјето на граѓаните е неопходно веднаш по завршувањето на вонредната состојба да има избори, заклучија на денешната координативна средба, кандидатите за пратеници од коалицијата на СДСМ во ИЕ 6.
„Ништо не може да го заштити здравјето на граѓаните подобро од целосно функционални институции, ново Собрание и Влада, со полн легитимитет од граѓаните, ослободени од политички кочници и партиски калкулации на ВМРО-ДПМНЕ“,
изјави Фаница Николовска, носител на листата во оваа ИЕ.
Таа го обвини техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев дека е виновен за зголемувањето на бројките на заболени во последните денови, односно дека се должат на како што рече „саботажите и крајнo неодговорното однесување на Наќе Чулев и неговиот ментор Мицкоски“.
„Избори на есен се опасна идеја и за здравството и за економијата. Секој оној кој сака да ги одложи изборите, сака да ја продолжи кризата, и не им посакува добро на граѓаните“,
изјави Николовска која заедно со лидерот на движењето Беса Биљал Касами беа во Тетово на координативниот состанок.
Претходно и нејзините сопартијци, Оливер Спасовски од Куманово и Радмила Шекеринска од Битола кои беа на состаноци во своите изборни единици, истакнаа дека избори мора да има на 5 јули.