На Зоран Заев во овој момент очајно му е потребно алиби за одложување на изборите, смета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
„Првото алиби му беше усвојувањето, односно ратификувањето на Протоколот за влез во НАТО, кое не му успеа, затоа што таквото алиби беше лесно разобличено од ВМРО-ДПМНЕ. Следното алиби што го креира Зоран Заев, на неколку недели пред распуштањето на Собранието, е поднесувањето стотици закони во Собранието, повеќето од нив со скандалозна содржина, штетна за граѓаните и апсолутно неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николоски на денешната прес-конференција.
Тој ги истакна тука предлозите за промена на Изборниот законик, односно изборниот модел, за кој нема политички консензус и за армијата, за кои рече дека се предлагаат за да се создаде криза во државата и да се одложат изборите.
„Се поставува логичното прашање – што работеа Заев и неговиот тим овие три години, зошто не ги донесоа законите во изминативе три години, туку на сила ги туркаат сега на еден месец пред распуштање на Собранието. И зошто бараат поддршка од ВМРО-ДПМНЕ ако имаат мнозинство, а во секоја демократија мнозинството ги носи законите. Или можеби го немаат мнозинството?“, праша Николоски.
Тој обвини дека дополнително на ова се врши партизација на полицијата, масовни вработувања на партиски кадри во здравството, во МЕПСО и во ЕЛЕМ и се задолжува државата.
Николоски посебно се осврна на вчерашната одлука на Владата за прогласување на лустрацијата за ништовна, истакнувајќи го како скандалозен начин за амнестија за кодошите кои беа лустрирани што, според Николоски, значеше расчистување со темните страни на комунизмот.
„Сакам да ги предупредам сите раководители и останати лица кои имаат овластувања и потпишуваат масовно акти во овој период – да внимаваат. Многу да внимаваат. Да го следат законот, зашто за секое незаконско дејство ќе има одговорност, без разлика за кого се работи“, порача Николоски.
Премиерот Заев вчера предупреди дека доколку во Собранието не бидат донесени суштинските закони кои се значајни за животот на граѓаните, тогаш изборите може и да се одложат.
„Перфидноста на користење филибастеринг за изборното законодавство или за пензиите може да значи пролонгирање на процесите“, рече Заев алудирајќи на потезите на опозицијата во однос на предложените закони.