Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, вчера побара итно ставање во функција на ПЕТ-центарот, предупредувајќи дека неговото неработење директно ги загрозува здравјето и животот на најтешко болните пациенти со рак
„Во 2025 година се направени 2 703 прегледи, наспроти 2 183 во 2022 година, што претставува зголемување за 520 прегледи, односно околу 23,8 отсто, и покрај речиси двојно поголемиот број сервисни денови. И покрај зголемениот број денови на прекин во работењето, бројот на прегледи растел, што покажува дека тимот успешно го надоместувал изгубеното време и продолжил да опфаќа повеќе пациенти“, вели министерот за здравство
Нема дефект во ПЕТ/КТ-скенерот, туку во циклотронот, каде што се произведува радиофармацевтското средство потребно за прегледите. Дефектот е резултат на лошо сервисирање и веќе се работи на негово отстранување. Ова денеска го соопшти министерот за здравство Сашо Клековски на својот фејсбук-профил коментирајќи ги, како што рече, расправите што изминатите денови се појавија во јавноста за неработењето и неспособноста на Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија или ПЕТ-центарот.

Посочи дека со повторното пуштање во работа на циклотронот, приоритет ќе имаат пациентите според насоките на Клиниките за онкологија и за хематологија.
„Им се извинувам на пациентите за предизвиканите проблеми! Со почеток на работата приоритет имаат пациентите според насоките на Клиниките за онкологија и хематологија“,
напиша тој на Фејсбук.

Министерот соопшти бројки на направени прегледи со ПЕТ-скенерот, но и прекин на неговата работа од 2022 до 2025 година.
„Во 2025 година се направени 2 703 прегледи, наспроти 2 183 во 2022 година, што претставува зголемување за 520 прегледи, односно околу 23,8 отсто, и покрај речиси двојно поголемиот број сервисни денови. И покрај зголемениот број денови на прекин во работењето, бројот на прегледи растел, што покажува дека тимот успешно го надоместувал изгубеното време и продолжил да опфаќа повеќе пациенти“,
вели Клековски.
Му се заблагодари на тимот на Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија (УИ ПЕТ) и порача дека ќе продолжат напорите за обезбедување повеќе можности за пациентите.
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, вчера побара итно ставање во функција на ПЕТ-центарот, предупредувајќи дека неговото неработење директно ги загрозува здравјето и животот на најтешко болните пациенти со рак.
Посочи дека дека ПЕТ-центарот не функционира веќе два и пол месеци, со што пациентите се изложени на сериозен ризик.
„Сега се во ризик. Два и пол месеци не работи досега. Итно да се среди овој проблем. Како знаат и умеат, уште утре да биде ПЕТ-центарот во функција. Директно се загрозува здравјето и животот на најтешко болните пациенти во државава“,
рече Филипче.
Инаку, од Министерството за здравство минатата недела информираа дека единствениот ПЕТ-скенер во јавното здравство во земјава повторно е ставен во функција откако не работеше повеќе од еден месец поради проблеми со циклотронот, системот за производство на радиоизотопи.
Министерот за здравство Сашо Клековски рече дека дефектот е последица на неисправно одржување од страна на добавувачот и специфичен проблем со масло кое се наоѓа под рестриктивен режим. Според него, со повторното ставање на ПЕТ-скенерот во функција се обезбедени потребните материјали, односно е донесено потребно количество радиоизотоп од Истанбул. Вели дека во тек се разговори и со Софија за дополнителна набавка.
