Тој додаде дека станува збор за исклучително важна здравствена услуга за онколошките пациенти, од која директно зависи одредувањето на терапијата и понатамошниот тек на нивното лекување

Итно ставање во функција на ПЕТ-центарот побара денеска лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), предупредувајќи дека неговото неработење директно го загрозува здравјето и животот на најтешко болните пациенти со рак.
„Само еден ден работеше ПЕТ-центарот и сега повторно е надвор од функција“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека станува збор за исклучително важна здравствена услуга за онколошките пациенти, од која директно зависи одредувањето на терапијата и понатамошниот тек на нивното лекување.
„Се работи за околу 15 пациенти на ден коишто се најтешко болните пациенти, коишто имаат рак, на коишто животот им зависи од тоа снимање, затоа што тоа снимање ја одредува терапијата или модификацијата на терапијата во зависност од стадиумот во којшто се наоѓа болеста“,
истакна Филипче.
Филипче предупреди дека ПЕТ-центарот не функционира веќе два и пол месеци, со што пациентите се изложени на сериозен ризик.
„Сега се во ризик. Два и пол месеци не работи досега. Итно да се среди овој проблем. Како знаат и умеат, уште утре да биде ПЕТ-центарот во функција. Директно се загрозува здравјето и животот на најтешко болните пациенти во државава“,
рече Филипче.
Тој оцени дека проблемот со ПЕТ-центарот се става настрана, што, според него, е одраз на односот на актуелната власт кон пациентите и здравствениот систем.
Инаку, од Министерството за здравство минатата недела информираа дека единствениот ПЕТ-скен во јавното здравство во земјава повторно е ставен во функција откако не работеше повеќе од еден месец поради проблеми со циклотронот, системот за производство на радиоизотопи.
Министерот за здравство Сашо Клековски рече дека дефектот е последица на неисправно одржување од страна на добавувачот и специфичен проблем со масло кое се наоѓа под рестриктивен режим. Според него, со повторното ставање на ПЕТ-скенот во функција се обезбедени потребните материјали, односно е донесено потребно количество радиоизотоп од Истанбул. Вели дека во тек се разговори и со Софија за дополнителна набавка, за да може да се прават снимања и во сабота.
