Министерот за здравство вели дека во тек се разговори и со Софија за дополнителна набавка на радиоизотопи, за да може да се прават снимања и во сабота
Што се однесува до циклотронот, министерот информира дека во моментов Белгија ги одобрува извозните документи за тоа што треба да се замени на машината и изрази уверување дека проблемот ќе се реши многу брзо
Единствениот ПЕТ-скен во јавното здравство во земјава од денеска повторно е ставен во функција откако не работеше повеќе од еден месец поради проблеми со циклотронот, системот за производство на радиоизотопи. Од Министерството за здравство кон средината на месецов информираа дека проблемот бил откриен при редовен сервис и оти овластениот сервисер интензивно работи на отстранувањето на дефектот.

Министерот за здравство Сашо Клековски завчера во телевизиско гостување рече дека дефектот е последица на неисправно одржување од страна на добавувачот и специфичен проблем со масло кое се наоѓа под рестриктивен режим.
Денеска на прес-конференција тој соопшти дека за повторното ставање на ПЕТ-скенот во функција се обезбедени потребните материјали, односно донесено е потребно количество радиоизотоп од Истанбул. Вели дека во тек се разговори и со Софија за дополнителна набавка, за да може да се прават снимања и во сабота.
Што се однесува до циклотронот, министерот информира дека во моментов Белгија ги одобрува извозните документи за тоа што треба да се замени на машината. Тој изрази уверување дека проблемот со циклотронот ќе се реши брзо.
„Тука да се заблагодарам на македонското и на белгиското министерство за надворешни работи бидејќи станува збор за материјал со ограничен, контролиран извоз. Веруваме дека проблемот со циклотронот брзо ќе се реши. Од денеска почна да работи ПЕТ-скенот, денеска се закажани девет пациенти, денеска е донесена неопходната количина на радиоизотоп од Истанбул. Комуницираме и со Софија бидејќи Истанбул работи од понеделник до четврток, сакаме да обезбедиме и алтернатива на Истанбул за да може ПЕТ-секонот да работи и во сабота“,
изјави Клековски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата.
Според ресорниот министер, ПЕТ-скенот минатите години работел со капацитет од околу 2 100 до 2 200 снимања годишно, а рекордот бил посегнат минатата година кога биле направени околу 2 700 снимања.
До започнувањето на редовното сервисирање биле направени околу 1 100 снимки, кога бил увиден и проблемот со циклотронот. Клековски верува дека со забрзана работа до крајот на оваа година може да се стигне од 2 200 до 2 3000 снимања.
Сепак, како што наведе тој, целта треба да биде околу 5 000-6 000 снимки годишни бидејќи тоа го налагаат потребите на пациентите. Во тој контекст напомена дека ПЕТ-скенот не е неопходен само за онколошките и хематолошките пациенти, туку има употреба и во неврологијата.
Инаку, во периодот кога апаратот не работеше, од Министерството за здравство рекоа дека ги информирале Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за понатамошна тријажа преку други достапни дијагностички модалитети, со цел лекувањето да не трпи прекин.
На забелешка на новинар дека според негови информации листата на пациенти кои чекаат е подолга од 1 000 лица, Клековски рече дека на онколозите им се достапни и други методи за следење на болеста.
„Од мое искуство потребно е да се користат различни методи во различни периоди бидејќи нема една метода што ги покрива сите состојби. Јас сум во постојна комуникација и со ПЕТ-центарот и со трите најзасегнати клиники – за онкологија, за хематологија и неврологија и работиме на тоа да одата работите непрекинато. Ние мора да најдеме механизам бидејќи секоја година имаме редовен сервис, значи надвор од непланираните сервиси и да видиме со која методологија ќе се пристапи и конечно да пристапиме“,
рече тој.

Клековски вели оти се залага за набавка на втора ПЕТ-камера и изработка на алтернативни планови за снабдување во случај циклотронот да е во репарација или да се расипе.
На прашањето дали ќе се продолжи со по девет до десет пациенти дневно, тој одговори дека засега тоа е планот.
„Сега се обидуваме да ја премостиме сабота бидејќи центарот од Истанбул не може да испорача. Знаете дека тој изотоп е со краток животен век, мора да се врши дневна испорака, така што работиме на тоа и се надевам дека набрзо ќе имаме позитивен одговор и од Софија“,
рече Клековски.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) изминатите денови упати остри критики кон министерот за здравство за нефункционирањето на ПЕТ-скенот, обвинувајќи го за аматерски пристап во раководењето со секторот.
