Доколку во Собранието не бидат донесени суштинските закони кои се значајни за животот на граѓаните, тогаш изборите може и да се одложат, изјави денеска премиерот Зоран Заев, но не прецизираше на кои закони мисли.
„Сметам дека изборите не треба да се одложуваат, но истовремено должност, пред сè граѓанска и политичка, ми е да не дозволиме што било да ја закочи реализацијата на она што значи интерес на граѓаните“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање поврзано со 120-те закони што се на дневен ред на собраниската седница.
На прес-конференцијата во Владата, Заев рече дека нема да им го дозволат тоа на сите оние што се обидуваат да опструираат, но апелираше и до парламентарното мнозинство да биде во собраниските клупи за навремено да се донесат суштинските закони.
Тој додаде дека секој ден следи што се случува во парламентот и оти одговорност имаат сите – и пратениците, и Владата, и локалните самоуправи.
„Следам што се случува во Парламентот и перфидноста на користење филибастеринг за изборното законодавство или за пензиите, може да значи пролонгирање на процесите“, рече Заев.
Еден од законите за чие донесување досега во повеќе наврати укажуваа и меѓународните претставници во контекст на одлуката за евентуален датум за почеток на преговорите е законот за Јавното обвинителство.
Последен од редот меѓународни претставници кој укажа на потребата од донесување ваков закон е новиот еврокомесар за проширување Оливер Верхејли кој се сретна со премиерот Заев на Самитот на ЦЕИ во Рим минатата недела.
Од Министерството за правда исто така минатата недела соопштија дека се подготвува нов предлог-закон за јавното обвинителство, кој наскоро треба да биде доставен во Владата, а потоа и до Собранието.
Што предвидува новото законско решение, детали прочитајте ТУКА.
Во меѓувреме, до Собранието се поднесени и два предлог-закони за измени на Изборниот законик со кои се предвидува една изборна единица (што би важело од изборите закажани на 12 април) и за отворени листи и родова рамноправност, кој би стапил во сила за локалните изборите. Но, овие измени се заглавени во собраниска процедура поради поднесените 6.000 амандмани од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а за утре е закажана јавна расправа што ја иницира владејачката партија СДСМ која единствено засега им даде поддршка на малите партии за вакви законски решенија.
Вчера по извесни одложувања во надлежната Комисија помина и предлогот за зголемување на пензиите, за чија блокада власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваа.