Партон е една од најуспешните музичарки на сите времиња, со над сто милиони продадени албуми. Освоила 11 награди „Греми“, вклучувајќи ја и наградата за животно дело

Американската пејачка, кантавторка, актерка, активистка и филантроп Доли Партон, легендата на кантри-музиката и на филмското платно, почина денеска на 80-годишна возраст, пренесуваат светските медиуми.
Агенцијата „Ројтерс“ објави дека веста за нејзината смрт ја соопштило семејството. Не била наведена причина за смртта, но нејзиниот публицист објавил дека таа починала мирно во градот Нешвил.
Пред неколку дена, Партон за магазинот „Пипл“ изјавила дека се соочува со здравствени проблеми, но продолжува да работи. Не навела за какви проблеми станува збор.
„Следејќи го нејзиниот пример, верувавме дека сè е можно. За неа никогаш не постоеше врата што не може да ја отвори, а вратите што ги отвoраше ја создаваа и ја менуваа историјата“,
рекол нејзиниот внук Брајан Сивер во видеопорака.
Партон е една од најуспешните музичарки на сите времиња, со над сто милиони продадени албуми. Освоила 11 награди „Греми“, вклучувајќи ја и наградата за животно дело.
Во освртот кон шестдецениската кариера на Партон, „Ројтерс“ пишува дека таа со својата музика, но и со својот имиџ, фризури, костими го привлекувала вниманието на Американците од различни општествени слоеви, а помогнала кантри-музиката да допре и до меѓународна публика.
Таа беше и водител на телевизиско шоу, настапи во повеќе филмови, а направи и тематски забавен парк наречен „Доливуд“ во нејзината држава Тенеси. Но, додава „Ројтерс“, еден од главните квалитети на Доли Партон била нејзината способност да се поврзе со луѓето. Самата велеше дека потекнува од многу сиромашно семејство и секогаш се залагаше за интересните на Американците од работничката класа, користејќи ги своето име и своите пари за каузи во коишто веруваше.
За време на пандемијата со ковид-19, таа донира еден милион долари за истражување вакцини, со што стана еден од првите спонзори на вакцината на компанијата „Модерна“.
Водеше програми за подобрување на писменоста на децата од претшколска возраст во САД, како и во Канада, Велика Британија, Австралија и во Ирска, и даваше стипендии за ученици од средните училишта во округот Севиер во Тенеси каде што била родена. Во овој округ била подигната статуа во нејзина чест, а во 2021 година, кога градот Нешвил предложил да постави статуа од неа, таа ја одбила понудата.
„Со оглед на тоа што се се случува во светот денес, не мислам дека е соодветно да ме стават мене на пиедестал“,
рекла Партон во таа пригода.
Нејзината способност да остане верна на своите корени, заедно со нејзината желба да работи напорно и нејзините непартиски позиции, ја направија привлечна и за конзервативците и за либералите во политички поларизираната Америка, додава „Ројтерс“.
