Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска се соочија во Основниот граѓански суд во Скопје поради изјава на опозиционерот за вмешаност на премиерот во аферата „Рекет“.
Тужбата ја покрена Заев бидејќи тврди дека неосновано Николоски го обвинува и очекува пред судот да се докаже дека станува збор за клевета. Во изјавата пред судот, тој излезе и со обвинување дека целиот овој процес е масло на ВМРО-ДПМНЕ.
„Зоран Заев е човекот кој го пријави овој случај и почна постапката на повикување на сведоци и донесувачи на материјалите со кои се потврдува дека постои ваков доказ. Ова е првпат во државата премиер да пријави ваков случај на основа на индиции и сознанија и мило ми е што случајот е расветлен и има осудени лица и апсолутно се знаат сите детали од самиот случај. Според мене од самиот судски процес се утврди дека парите се дадени за одредени цели да се постигнат, но дефинитивно, имајќи предвид кој како во минатото спонзорирал политички партии и како тоа го правел, можам само да потврдам дека ВМРО-ДПМНЕ во најмала рака стои позади оваа работа“,
изјави Заев алудирајќи на бизнисменот Орце Камчев.
Николоски, кој се брани сам, вели дека од сите докази што ги доставил пред судот, се покажува дека дошол до сознанија оти аферата „Рекет“ не била правилно презентирана во јавноста односно дека не се работи за минорен случај во кој е рекетиран еден бизнисмен туку повеќе и дека освен Бојан Јовановски и Катица Јанева вклучена е и цела пирамида од СДСМ на чело со Заев.
„Јас тоа сум го кажал во текот на август 2019 година врз основа на сите сознанија коишто стигнале до мене во тој момент. После тоа времето покажа дека сум бил во право. Затоа што во август 2019 тезата беше дека е рекетиран еден бизнисмен. Во февруари 2021 година сите знаеме дека се рекетирани повеќе бизнисмени, тоа не го утврдив јас, го утврди Кривичниот суд во Република Македонија. Во август 2019 година тезата беше дека се изрекетирани помеѓу еден и еден ипол милион евра, сега сумите со она што досега го има докажано Кривичниот суд можеби ќе ја надминат таа сума од 20 милиони евра“,
тврди Николовски кој во своја одбрана презентираше и снимка од изрекувањето на пресудата за „Рекет“ каде Боки 13 вели парите да се бараат кај Заеви.
На следното судско соочување, закажано за април годинава, треба да има распит на странките, во случајот на Николоски и Заев.
Во изјавата, поради која премиерот поднесе тужба за клевета, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски вели:
„Некаде пред две недели споменав дека вкупната сума на побарани изрекетирани средства надминува 20 милиони евра. Досега никој ова не го демантираше, што значи дека е рекетиран повеќе од еден бизнисмен, рекетирани се многу бизнисмени и побарани се многу пари. Тоа е операција која не можат да ја завршат еден или двајца луѓе. Тоа е операција која е добро осмислена од врвот на СДСМ, координирана лично од Зоран Заев и понатака управувана од целата држава, затоа е потребна и кривична и политичка одговорност“.