Не смееме да дозволиме да се сквернави празникот, во услови кога се гази македонскиот идентитет, кога се става под прашалник од страна на соседите, пред се од Бугарија, целокупната македонска историја A, за жал, највисоките органи на власта го сквернават празникот, очигледно обидувајќи се да им угодат на други, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски најави дека неговата партија, како што рече, кога ќе дојде на власт, ќе го врати традиционалното прославување на Илинден на Мечкин Камен кај Крушево, наспроти новините што годинава ги воведе шефот на државата Стево Пендаровски.
„Би сакал да споделам едно горчливо чувство за тажната слика што денес ја гледаме на Мечкин Камен. Првпат, после скоро осум децении, традиционалната манифестација на Мечкин Камен не се случува поради каприц на власта, односно поради одлуката на власта да избега од сопствениот народ, затоа што, како што самите кажуваат, се уплашени од свирежите на народот. Затоа денеска Мечкин Камен е празен, затоа власта бега од народот и затоа измислуваат некакви си прослави што треба да се случат навечер, без пригодни говори, со некаква музичка манифестација и во некакви кралски манири, така што сите треба да чекорат позади еден. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со таквиот став на претседателот Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со таквиот став на власта предводена од Зоран Заев и затоа реши денеска дадојде тука, како што е редот, преку ден, во периодот кога секогаш се одржувала манифестацијата за прославата на Илинденското востание, да се поклони пред хероите, да положи свежо цвеќе и да одаде почит“,
рече Николоски, во изјава во Крушево.
Тој, исто така, даде ветување дека веќе следната година, како што рече, ќе врие од народ на Мечкин Камен, наместо, како што оцени, да биде опустошено и обезличено како што е годинава.
„Не смееме да дозволиме да се сквернави празникот во услови кога се гази македонскиот идентитет, кога се става под прашалник, од страна на соседите, пред се од Бугарија, целокупната македонска историја А, за жал, највисоките органи на власта, како што се претседателот и премиерот, го сквернават празникот очигледно обидувајќи се да им угодат на други. Ние тоа нема да го дозволиме и после промената на власта, која ќе се случи уште оваа есен, и следната година на 2 Август заедно тука ќе славиме со десетици, стотици илјади македонски граѓани, македонски народ“,
изјави Николоски.