Шефот на дипломатијата, Никола Димитров, ќе биде носител на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во изборната единица број еден на претстојните парламентарни избори, вели за „360 степени“ висок извор од владејачката партија. Станува збор за изборна единица која покрива најголем дел од главниот град.
Одлуката треба да се официјализира на конгресот на СДСМ закажан за вечерва.
Димитров нема функција во СДСМ, ниту е член на партијата. На чело на Министерството за надворешни работи е од формирањето на владата на Зоран Заев од 1 јуни 2017 година.
Димитров е потписник на договорот од Преспа и во изминатите две и пол години како министер се фокусираше на деблокада на евроатлантските интеграции на земјава.
Нема изненадувања меѓу носителите на листите на СДСМ и коалицијата во другите изборни единици.
Листата во ИЕ 2 ќе ја предводи актуелниот технички премиер Оливер Спасовски. Листата во ИЕ 3 ќе ја води генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски. Лидерот Зоран Заев ќе биде прв во ИЕ 4. Во „петката“ листата ќе ја предводи министерката за одбрана и заменик-претседателка на СДСМ, Радмила Шеќеринска. ИЕ 6 ќе ја предводи лидерот на БЕСА, Билал Касами, коалицискиот партнер на социјалдемократите.
* поврзана вест СДСМ потврди: листите на коалицијата ќе ги предводат машко-женски тандеми