Пропадна постапката за избор на фирма за уривање на дивоградбата пред трговскиот центар „Мавровка“ бидејќи никој не се пријави на тендерот, велат од општината за „360 степени“. Денеска требаше да се одржи јавното отворање на понудите на заинтересираните фирми, но, со оглед дека немало ниту една понуда, од општината најавуваат распишување на нов оглас.
„Постапката се поништува. Утре ќе објавиме нова со што се дава рок од седум дена на заинтересираните економски оператори да се пријават. Постапката немаше ниту еден посебен услов надвор од стандардните и никој не беше спречен да аплицира. Доколку повторно не се пријави никој, ќе ја повторуваме постапката“,
ни изјави Куштрим Ала од секторот за односи со јавност на Општина Чаир.
Од општината уверуваат дека нема отстапување од намерата да се руши дивоградбата.
Општината отвори постапка откако се пробија сите законски рокови со кои од „мистериозниот“ инвеститор се бараше самиот да ја урне дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“. Според решението на овлaстениот градежен инспекторат, сега надлежноста за отстранување на објектот кој покрива површина од 330 метри квадратни, е на Општина Чаир.
Поврзана вест: Непознатиот сопственик не ја отстрани, дивоградбата пред Мавровка ќе ја урива општина Чаир