Собранието веќе втор месец функционира без потпретседатели, откако спикерот им се налути на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, кои, иако на координација се согласиле да има пет собраниски претседатели, потоа настапија со поинакви ставови во јавноста
Експретседателот на парламентот Трајко Вељаноски, еден од обвинетите за организација на настаните во парламентот на 27 април 2017 година, вчера претпладне залудно го чекаше актуелниот спикер Талат Џафери да му се придружи како сведок на рочиштето во Кривичниот суд во Скопје.
Кога беше подигнато обвинение за организаторите на „крвавиот четврток“ во законодавниот дом, Џафери, исто така, беше политички обвинет од дел од пратениците на СДСМ дека „асистирал“ да се оневозможи одземање на пратеничкиот мандат на Вељаноски за да може да му биде одреден притвор. Но вчера, старо-новиот спикер не беше во можност да „асистира“ во судницата за расчистување на настаните при неговиот прв избор на чело на парламетот.
Протоколарните обврски во Собранието, односно закажаните средби со унгарскиот амбасадор и со овластениот шеф на дипломатијата на Албанија,го спречија Џафери да одговори на поканата за присуство на рочиштето што му ја испратија од Кривичниот суд во Скопје, по барање на Вељаноски.
Прашање е дали Џафери ќе биде во можност да присуствува и на следното рочиште за организирањето на 27 април. Во наредниот период се најавуваат повеќе собраниски седници, со кои единствено може да претседава претседателот на парламентот, ако се има предвид дека Собранието веќе втор месец функционира без ниту еден потпретседател.
Според собранискиот Деловник, претседателот на парламентот може да овласти некој од потпретседателите да води седница, но, со оглед на тоа што Собранието нема моментно потпретседатели, нема ниту кој да го замени Џафери. Исто така, гласот на Џафери во парламентот може да биде одлучувачки за обезбедување апсолутно мнозинство во случај на отсуство на само еден пратеник од вкупно 62, колку што брои моментно парламентарното мнозинство.
Во минатиот собраниски состав, Џафери цели осум месеци сам ги водеше седниците додека да се изберат тројца од вкупно пет потпретседатели, колку што и сега договорија пратеничките групи, уште пред изборот на новата Влада.
На 25 август, Собранието утврди пет потпретседателски места, по што ВМРО-ДПМНЕ почна да го критикува ова решение и најави дека нема да номинира потпретседател од своите редови. Потоа и претседателот на СДСМ Зоран Заев најави дека неговата партија ќе се откаже од потпретседателско место.
Ваквите калкулации го налутија спикерот Џафери. На последниот брифинг со новинари, тој рече дека на координацијата за утврдување на бројот на потпретседателски места сите партии се согласиле да има пет потпретседатели, а потоа зборувале друго јавноста. Затоа, како што рече, тој побарал координаторите на пратеничките групи да му достават писмено известување што точно сакаат а дотогаш, како што посочи, тој нема да презема ништо по тоа прашање.
Џафери нагласи дека бројката од пет потпретседатели не е случајна, туку дека е во согасност со Законот за Собрание. Додаде и дека не мора да се пополнат сите пет места, но дека е битно опозицијата да има потпретседател, затоа што Законот предвидува опозицискиот потпретседател да претседава со Советот на Собранискиот канал. Во минатиот собрански состав, никој не ја извршуваше оваа обврска, затоа што ВМРО-ДПМНЕ и тогаш одбиваше да предложи потпретседател на Собранието.