Во дебата на „360 Степени“, новинарот Џелал Незири зборуваше за најавената реконструкција на Владата и политичките комбинаторики кои се врзуваат со неа.
– Мислам дека реконструкцијата на Владата или проширувањето на парламентарното мнозинство нема да донесе некој голем ефект во тоа што се вика работа на Владата или во донесувањето резултати кои се очекувани од граѓаните и јавноста. Се работи за компилација… внатре во ДУИ и СДСМ има разни фракции кои не се во склоп една со друга, фактички се во војна меѓу себе, во повеќето од случаите си попречуваат меѓу себе. Ако на нив се додадат новите партии кои ќе влезат и кои имаат стари непријателства, не знам како ќе функционира Владата. Сепак, во случај за поголем интерес за државата, мислам дека во делот на реформските закони и прашањето со името, мислам дека тука може да врши работа ова проширено мнозинство. Сите се земјата да се зачлени во ЕУ и НАТО, сите се за спроведување на реформите во судството и сите области, така што во овој аспект ќе донесе резултат. Но, во аспект на конкретни резултати достапни за граѓанинот, не очекувам со проширување или реконструкција на Владата тоа да се случи. Тоа што го спомна колегата пред малку дека очекувањата од СДСМ и Владата се големи а во меѓувреме големи се и реакциите во јавноста, мислам дека се уште е рано да имаме голем материјал да ја оцениме досегашната работа на Владата, особено на СДСМ. Тоа што се појавува во јавноста како реакција, според мене е резултат на тие фракции или раздори внатре во СДСМ кои фактички се појавуваат како незадоволство на јавноста за одредени одлуки – рече Незири.