Го повикуваме претседателот на Владата да нѐ прими, односно во најкус можен рок да ги закаже преговорите и не по улици, туку да се гледаме достоинствено на преговори во кабинетот, побараа од Независниот синдикат на судска администрација
Вработените во судската администрација, денеска, со синдикален марш од пред Основниот кривичен суд Скопје до пред зградата на Владата, го изразија незадоволството од висината на платите.
Претседателката на Независниот синдикат на судска администрација Јасмина Величкова го повика премиерот Димитар Ковачевки што поскоро да отпочнат преговорите со Синдикатот за зголемување на нивните плати.
„Го повикуваме претседателот на Владата да нѐ прими, односно во најкус можен рок да ги закаже преговорите и не по улици, туку да се гледаме достоинствено на преговори во кабинетот“,
изјави Величкова.
Претседателот на Здружението за судска администрација Борче Мирчески посочи дека разликата во платите меѓу оние кои се хиерархиски највисоко и оние кои се најниско поставени, е голема и порача дека вработените во судската администрација нема да се откажат од барањата и дека зголемувањето што го бараат е законски и оправдано.
„Ја повикувам Владата да ги отпочне преговорите, но во тие преговори задолжително да ги вклучи претставниците на Здружението на судска администрација и претставниците на Независниот синдикат. Не може некој подобро да ја знае нашата ситуација. За жал, вработените во судската администрација никогаш не барале повеќе од што заслужуваат, меѓутоа за жал, никогаш не го добиле она што го барале“,
рече Мирчески.
Вработените во судска администрација бараат повисоки плати за 78 отсто на минималната плата во судската служба и 35 отсто додаток на плата за судските службеници.
Тие на претходните протести кои ги одржаа побараа од Владата да бидат вклучени во работната група за покачување на платата која Владата донесе одлука да се формира за да работи на изнаоѓање решение во врска со барањата и посочените состојби од страна на судската, јавнообвинителската служба и вработените во органите на државната управа.
Оваа одлука е предлог на Министерството за правда, откако министерот Кренар Лога на разговори со Синдикатот на УПОЗ се договорија да се најде заедничко решение, со цел да не се кочи процесот на движење на предмети во судовите и јавните обвинителства.