„Населението ќе биде преселено, за сопствена заштита“, вели израелскиот премиер

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека новата офанзива во Газа ќе биде интензивна воена операција насочена кон поразување на Хамас, но не прецизираше колку од територијата на енклавата ќе биде заземена, објави Ројтерс.
„Населението ќе биде преселено, за сопствена заштита“,
вели Нетанјаху во видео објавено на Икс.
Тој вели дека израелските војници нема да влезат во Газа, да започнат напади, а потоа да се повлечат.
„Намерата е спротивна од тоа“,
рече тој.
Претходно денеска, двајца израелски претставници изјавија дека безбедносниот кабинет на Израел одобрил план за заземање на целиот Појас Газа и останување таму неодредено време.
Планот предвидува населението да биде преместено од север кон југ од енклавата, според соопштението на владата. Целта на Израел е да го победи Хамас и да обезбеди ослободување на заложниците што сè уште ги држи, додадоа од израелската влада. На Хамас, исто така, не треба да му се дозволи да го попречува доставувањето хуманитарна помош, се вели во соопштението.
Вчера, началникот на Генералштабот, Ејал Замир, рече дека во текот на неделата ќе испратат десетици илјади повици до резервистите „за зајакнување и проширување на нашите операции во Појасот Газа“.
Според планот, Замир вели дека војската ќе дејствува во нови области и ќе ја уништи целата инфраструктура, над и под земјата.