Претходно денеска, како што наведува „Гардијан“, лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, рекол дека групата добила предлог за прекин на огнот и оти ќе го посети Каиро за да разговара за тоа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел нема да ги повлече своите сили од Појасот Газа или да ослободи илјадници, како што ги нарече, палестински безбедносни затвореници, пренесува британски „Гардијан“, повикувајќи се на новинската агенција Ројтерс.
Нетанјаху, како што се наведува, со изјавата ги отфрлил медиумските извештаи за наводни услови за можен договор за примирје со радикалното палестинско движење Хамас.
„Нема да ја завршиме оваа војна без да ги постигнеме ситe нејзини цели. Тоа значи елиминирање на Хамас, враќање на сите наши заложници и осигурување дека Газа веќе нема да преставува закана за Израел“,
ја пренесува Ројтерс изјавата на Нетанјаху, емитувана на израелската телевизија.
Неговата изјава доаѓа откако дел од светските медиуми пренесоа дека нацртот на договорот меѓу Израел и Хамас, кој вклучува шестнеделен прекин на огнот, наводно бил изготвен во Париз.
Претходно денеска, како што наведува „Гардијан“, лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, рекол дека групата добила предлог за прекин на огнот и оти ќе го посети Каиро за да разговара за тоа.
Од друга страна, Итамар Бен-Гвир, екстремно десничарскиот министер за национална безбедност во кабинетот на Нетанјаху, во објава на социјалните мрежи, најави дека ќе се откаже од владата на национално единство и воениот кабинет доколку има „непромислен договор“ со Хамас.
Спротивно на тоа, опозицискиот лидер Јаир Лапид, чест критичар на владата на Нетанјаху, рече дека неговата партија ќе го поддржи „секој договор што ќе ги врати заложниците дома“.
Израелските медиуми во своите написи на темата сугерираа дека наводниот договор предвидува три фази, од кои првата е ослободување од заробеништво на жени, деца и повозрасни лица кои се држат како заложници во Газа.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден изминативе денови настојува преку средби на директорот на ЦИА, Вилијам Брнз, и специјалниот застапник за Блискиот Исток, Брет Макгурк, со високи службеници од регионот да оствари напредок во ослободувањето на заложниците, како и хуманитарна пауза во војната меѓу Израел и Хамас.
Коориднаторот за стратегиски комуникации на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, денеска за Си-ен-ен изјави дека преговорите за ослободување на заложниците држени од Хамас во Појасот Газа биле конструктивни и ветувачки, но оти претстои уште многу работа.
„Мислам дека преговорите може да се наречат конструктивни. Сметаме дека постои основа за уште еден договор за заложниците. Тоа може значајно да ја смени ситуацијата во однос на нивното ослободување, добивање дополнителна помош и намалување на нивото на насилство“,
изјави Кирби.