Израелскиот премиер отфрла секаков договор со кој Хамас би добил целосна или делумна контрола врз Појасот Газа. Според него Израел е единствената сила која може да гарантира безбедност во Појасот на долг рок
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли предлогот кој денеска го понуди екстремистичката палестинска група Хамас за прекин на огнот во Појасот Газа, јавуваат светските медиуми.
Наспроти тоа, Нетанјаху порача дека израелската воена офанзива во Газа ќе продолжи додека Израел не постигне, како што рече, апсолутна победа, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, повикувајќи се на извештаите на новинските агенции Асошиејтед прес и Ројтерс.
Изјавата на Нетанјаху дојде набргу по средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој е на турнеја во регионот, чија цел, меѓу другото, е обид за постигнување договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
Инаку, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија го прогласија Хамас за терористичка организација.
Израелскиот премиер на прес-конференција попладнево го повтори ставот дека ќе го уништи екстремистичкото палестинско движење, велејќи дека за Израел нема друга алтернатива освен да го доведе Хамас до колапс.
„Денот потоа е ден по Хамас. Цел Хамас“,
рече тој, додавајќи дека целосна победа против Хамас е единственото решение за војната во Газа.
Нетанјаху рече дека Израел е на пат кон апсолутна победа, додавајќи дека операцијата ќе трае со месеци, но не и со години.
„Нема друго решение“,
порача израелскиот премиер.
Хамас објави предлог кој вклучува четири и пол месечен прекин на огнот во Појасот Газа, во рамките на кој би биле ослободени сите заложници, а Израел да ги повлече своите војници од Појасот, со што би се отворил пат за постигнување договор за прекин на војната.
Израелскиот премиер, пак, отфрла секаков договор со кој Хамас би добил целосна или делумна контрола врз Појасот Газа.
Во тој контекст, Нетанјаху рече дека Израел е единствената сила која може да гарантира безбедност на долг рок.
Тој, исто така, повика на смена на агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци – УНРВА, откако Израел претходно објави информации дека нејзини вработени биле инволвирани во нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, по кој започна војната на Блискиот Исток.
Коментирајќи ги изјавите на Нетанјаху, високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри за Ројтерс изјавил дека тие покажуваат оти намерите на израелскиот премиер се да продолжи со конфликтот.
„Изјавите на Нетанјаху се форма на политичко фалење, што укажува на неговата намера да го продолжи конфликтот во регионот“,
рекол Абу Зухри, додавајќи дека Хамас е подготвен за сите опции.
Американскиот државен секретар се состана со израелските лидери откако Хамас го претстави својот план за прекин на огнот, а кој доаѓа како одговор на предлогот направен минатата недела од катарските и египетските посредници поддржани од САД и Израел.
Според предлогот на Хамас, сите израелски заложнички, млади мажи помлади од 19 години, постари и болни ќе бидат разменети во првите 45 дена за палестински жени и малолетници во израелските затвори. Останатите машки заложници ќе бидат ослободени во втората фаза, а останките на убиените заложници ќе бидат разменети во третата фаза. До крајот на третата фаза, Хамас очекува двете страни да постигнат договор за завршување на војната.
Милитантната група која владее со Газа во прилог на предлогот наведува дека сака ослободување на 1 500 затвореници, од кои една третина ќе бидат избрани од списокот на Палестинци осудени на доживотен затвор.
Прекинот на огнот треба да овозможи и зголемување на испораката на храна и друга помош за Газа.
Она што е неприфатливо и кое израелските лидери категорично го одбиваат е што во предлогот на Хамас гледаат обид на екстремистичката група да ја задржи власта во Појасот Газа што ќе и овозможи повторно да ги изгради своите воени капацитети.