Одлуката на српската Влада е дека се одложуваат сите воени вежби со сите партнери во следните 6 месеци, но медиумите коментираат дека ова е уште една српска „шлаканица“ за Русија
Владата на Србија на денешната седница донесе одлука со која ги замрзнува сите воени вежби и активности со сите партнери, поради притисок од ЕУ, објавија српските медиуми.
„Република Србија е под страшни и незаслужени притисоци од ЕУ. Притисоци кои немаат смисла и не се втемелени во нашите одлуки и во нашите постапки, па дури и во реалноста. Тоа резултира со хистерии што ги одредуваат политичките одлуки и насоките на големите моќни земји“,
изјави српскиот министер за одбрана Александар Вулин.
„Од нас се бара да ги напуштиме планираните воени вежби со Белорусија по цена на напуштање на нашата европска иднина и по цена на уште поголем притисок врз нашата политика и врз нашиот народ во КиМ и Република Српска“,
додаде Вулин.
Вулин објасни дека одлуката на Владата, во следните шест месеци да запре со сите воени вежби и сите активности со сите партнери, е поради тоа што Србија е воено неутрална земја и за да се зачува таа позиција, и да се избегнат, или да се намалат последиците од засилените напади врз земјата, политиката и економијата.
„Во наредниот период нема да учествуваме во какви било вежби или воени активности со НАТО, Организацијата Колективен безбедносен договор, Русија, САД, Кина, ЕУ, исток или запад“,
рече Вулин.
Белорусија соопшти дека засега не добила известување дека Србија нема да учествува во заедничката руско-белоруско-српска вежба Словенско братско 2020, која требаше да започне за помалку од 24 часа и планирана беше да трае до 15 овој месец.
Српските војници се наоѓаат во Белорусија уште од средината на август и поради тоа денешната одлука на српската Влада, некои српски медиуми ја толкуваат како нова „шлаканица за Русија“
„Ова е само уште еден во низата потези на Србија кои можат да се окарактеризираат како оддалечување од Русија, а траат неколку месеци наназад. Листата е долга, а ги опфаќа, меѓу останатото, приказната за рускиот шпион, обвинувањата дека Руси стојат зад демонстрациите во Србија, за купување оружје од Кина, тврдењата дека Руси лобираат за проруски кадри во Владата, за игнорирање на руската вакцина, заклучно со потпишаниот договор во Вашингтон, кој содржи неколку спорни точки за Москва…“,
пишува нова.рс.