Ставот на шефицата на Државната комисија за спречување на корупцијата доаѓа по денешното соопштение на СДСМ во кое опозициската партија соопшти дека премиерот врши притисок врз ДКСК во врска со предметот за присуството на неговиот син во Вашингтон, за време на самитот на НАТО
Власта тврди дека Јован Мицкоски патувал во приватна режија и не бил дел од владината делегација. СДСМ бара премиерот да ги објави сметките како доказ дека тој платил за синот. Од ДКСК велат, одлуката ќе ја донесат на јавна седница

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, во изјава за „360 степени“ негира дека трпат притисоци за отворената истрага преку која треба да ги расчистат дилемите – на чија сметка синот на премиерот Христијан Мицкоски беше во Вашингтон истовремено кога и државната делегација патуваше во САД за НАТО-самитот.
„Не се точни информациите. Ние сме независна институција. Не дозволуваме никаква структура на моќ да влијае на нашето работење, ниту политичка, ниту каква било друга. Ниту има јавувања од партии, ниту од други субјекти, не само по овој предмет, ниту по други. А, нема ниту да го дозвoлиме тоа“,
вели Димитровска за „360 степени“.
Антикорупциската комисија претходно соопшти дека се обратиле до Генералниот секретеријат на Владата, од каде побарале информација кој сè патувал со премиерот во Вашингтон, односно да потврдат дали синот на Мицкоски патувал со него на товар на буџетот и во кое својство.
„Предметот е оформен, чекаме поткрепувачка документација, која треба да ни се достави во законски утврден рок, тоа е 15 дена. По обезбедувањето на документациајта ќе ги провериме сите наводи кои излегоа во јавноста и во медиумите – дали патувањето на членот на семејството на премиерот е товар на буџетот, и која била неговата улога. По утврдување на фактичката состојба на јавна седница ќе ја соопштиме одлуката“,
вели Димитровска.
ДКСК неделава неделава отвори истрага по допрен глас за патувањето на Јован Мицкоски, постариот син на премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон, САД за време на одржувањето на НАТО-самитот.
Фотографијата на која се гледа дека со Мицкоски е и неговиот син ја објавија од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ на социјалната мрежа Икс каде се вели оти македонскиот премиер, пред Самитот на НАТО, ја посетил Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот.
Ahead of the @NATO Summit, SAIS hosted Macedonian Prime Minister Hristijan Mickoski for a conversation with SAIS’ @EdwardPJoseph in what was his first public appearance in the U.S. as prime minister. “This is truly a special event for us here at Johns Hopkins SAIS,” said Joseph. pic.twitter.com/x0puj3zYkE
— Johns Hopkins SAIS (@SAISHopkins) July 10, 2024
Фотографијата предизвика жестоки реакции во јавноста, по што ВМРО-ДПМНЕ, но и од Министерството за надворешни работи, засебно тврдеа дека синот на Мицкоски не бил дел од официјалната делегација и дека сите трошоци се подмирени приватно од семејството на премиерот.
Денеска, СДСМ соопшти дека до нив стигнуваат информации оти високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски вршат притисок врз ДКСК да се заташка случајот.
ПОВЕЌЕ НА ОВАА ТЕМА: