Украинскиот претседател Зеленски, пак, повика на превентивни санкции против Русија наведувајќи дека официјални лица од Москва почнале да го подготвуваат општеството за можна употреба на нуклеарно оружје во војната во Украина
Пентагон оцени дека нема знаци оти рускиот претседател Владимир Путин одлучил да употреби нуклеарно оружје, јавува „Си-ен-ен“.
Ваквата оценка ја даде портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Пет Рајдер на прес-конференција, еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден предупреди на опасноста од „нуклеарен Армагедон“.
„Многу луѓе од нашата влада и меѓународната заедница, вклучувајќи го и министерот за одбрана Лојд Остин, укажаа на фактот дека ова мавтање со нуклеарна сабја е несовесно и неодговорно“,
додаде Рајдер.
Според неговата изјава, САД во овој момент немаат никакви информации што би довеле до промена на „позицијата на стратешко одвраќање“, но како што рече портпаролот на Пентагон, продолжуваат да ги сфаќаат нуклеарните закани многу сериозно и да ја следат состојбата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, во интервју за „Би-би-си“ повика на превентивни санкции против Русија наведувајќи дека официјални лица од Москва почнале да го подготвуваат општеството за можна употреба на нуклеарно оружје во војната во Украина.
„Тоа е многу опасно. Не се спремни да го направат тоа, да употребат (нуклеарно оружје). Но, почнаа да зборуваат за тоа, не знаат дали ќе го употребат или не. Мислам дека е опасно дури и да се разговара за тоа“,
рече Зеленски.
Тој додаде дека е неопходно да се преземе нешто бидејќи руските закани се ризик за целата планета.
Москва, според него, веќе направи чекор со тоа што ја окупираше нуклеарната централа Запорожје, која е најголема во Европа.
„Светот може веднаш да ги спречи акциите на рускиот окупатор. Светот може да воведе пакет санкции и да ги натера да ја напуштат нуклеарната централа“,
порачува Зеленски.
Американскиот претседател Бајден во последниот јавен настап, пак, оцени дека ризикот од нуклеарен армагедон е на највисоко ниво од кубанската ракетна криза во 1962 година и нагласи дека Путин не се шегувал кога зборувал за употреба на тактичко нуклеарно оружје по претрпените неуспеси во Украина.