Американските власти веќе неколку месеци предупредуваат дека Русија би можела да посегне кон употреба на оружје за масовно уништување доколку претрпи загуби на бојното поле
Во 1962 година САД и Советскиот Сојуз, предводени од претседателот Џон Ф. Кенеди и Никита Хрушчов, беа блиску до нуклеарна судир поради распоредување на руско нуклеарно оружје на Куба. Според многумина експерти, овој настан бил најкритичната точка во која светот можел да се најде во нуклеарна војна од целосен размер
Ризикот од нуклеарен армагедон е на највисоко ниво од кубанската ракетна криза во 1962 година, изјави американскиот претседател Џо Бајден и нагласи дека рускиот претседател Владимир Путин не се шегувал кога зборувал за употреба на тактичко нуклеарно оружје по претрпените неуспеси во Украина, пренесува Би-би-си.

САД и Европската Унија претходно рекоа дека нуклеарните закани на Путин треба да се сфатат сериозно.
Сепак, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан минатата недела рече дека, и покрај нуклеарните навестувања на Москва, САД не забележале знаци дека Русија неминовно се подготвува да употреби нуклеарно оружје.
Украина изминатите неколку недели спроведува контраофанзива и враќа под своја контрола дел по дел од територијата окупирана од Русија, по инвазијата што Москва ја започна на 24 февруари. Меѓу териториите што украинските сили повторно ги ставија под своја контрола се и делови од четирите региони што Русија минатата недела ги анектираше и ги прогласи за дел од Руската Федерација.
Американските власти веќе неколку месеци предупредуваат дека Русија би можела да посегне кон употреба на оружје за масовно уништување доколку претрпи загуби на бојното поле.
За време на говорот минатиот петок рускиот лидер Владимир Путин рече дека САД создале преседан со употребата на нуклеарно оружје против Јапонија на крајот на Втората светска војна – коментар што не остана незабележан од западните влади.
Путин на 21 септември нареди делумна воена мобилизација во Руската Федерација бидејќи земјата се соочува со продолжен конфликт во Украина и Донбас. Тој рече дека Русија има помодерно оружје од она на НАТО и дека доколку постои закана за територијалниот интегритет на Русија ќе бидат искористени сите средства.
„Тоа не е блеф“,
истакна тој во обраќањето до јавноста.
Претседателот Бајден смета дека причината поради која рускиот лидер не се шегува кога зборува за користење тактичко нуклеарно, биолошко или хемиско оружје е бидејќи неговата војска, може да се каже, значително слабо функционира.
„Првпат по кубанската ракетна криза, имаме директна закана за употреба на нуклеарно оружје“,
изјавил Бајден зборувајќи пред своите демократи.
Во 1962 година, САД и Советскиот Сојуз, предводени од претседателот Џон Ф. Кенеди и Никита Хрушчов, беа близу до нуклеарна судир поради распоредување на руско нуклеарно оружје на Куба.
Според многумина експерти овој настан бил најкритичната точка во која светот можел да се најде во нуклеарна војна од целосен размер.